дома Култура Турската продукција „Јурта“ и израелскиот филм „Градот“ прогласени за најдобри филмови на...

Турската продукција „Јурта“ и израелскиот филм „Градот“ прогласени за најдобри филмови на 23. „Синедејс“

22

 Со проекцијата на филмот „Неочекувана среќа“ во режија на Вуди Ален и со доделување награди за најдобрите остварувања синоќа беше затворен 23-от Меѓународен фестивал на европски филм – „Синедејс“ (Cinedays). Наградата „Златна ѕвезда“ или најдобар филм е за „Градот“ во режија на Амит Улман.

Како што информира Младинскиот културен центар (МКЦ), наградата ја додели жирито во состав Горјан Атанасов, филмски и тв монтажер, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер, Мина Ѓукиќ, режисерка, Рохан Бери Крикмар, филмски продуцент и фестивалски селектор и Гентиан Кочи, филмски режисер.

Наградата „Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија е за младиот израелски режисер Ноа Дебре и неговиот филм „Последните Евреи“ за, како што се наведува, неговиот необичен и темелен филмски стил додека ја раскажува нијансираната и напати смешна приказна за младиот Рубен Белиша.

Третата награда „Сина ѕвезда“ или наградата за најдобро сценарио е доделена на „Ширкоа: Утопија на лагите“ за импресивниот наратив на
градење дистописки научно-фантастичнен свет.

Жирито во состав: Марија Димитрова, продуцентка, Андреас Јонсен, режисер и Бојана Андриќ, кинематограферка одлучија во селекцијата ЈИЕ (Југоисточна Европа) да ја доделат наградата „Златно сонце“ или награда за најдобар филм на турското остварување „Јурта“ во режија на Нехир Туна. Наградата се доделува за реалистичниот и артистички неприкосновен портрет на млад човек, кој расте меѓу два спротивставени света што се одраз на турското општество во минатиот век и денес.

Во оваа селекција, жирито одлучи да додели и специјално признание на филмот „78 дена“ во режија на Емилија Гашиќ, кое е посветено на животот на многу млади невини енерации кое беше ненадејно прекинато во текот на 78-дневното бомбардирање на Србија.

Под слоганот „Викај ура“, во текот на седумдневниот филмски фестивал, публиката имаше можност да ужива во повеќе од 50 филмски остварување, со проекции под отворено небо во паркот зад МКЦ, но и во киното „Фросина“ и Кинотеката.

ПредходнаДве златни арени за „Домаќинство за почетници” на Горан Столевски
СледнаНАСА откажа мисија на Месечината