дома Економија Димитриеска Кочоска: Се што досега е потпишано и е во сила е...

Димитриеска Кочоска: Се што досега е потпишано и е во сила е предвидено во рамки на ребалансот на Буџетот

36
Димитриеска Кочоска: Се што досега е потпишано и е во сила е предвидено во рамки на ребалансот на Буџетот

  Сето тоа што досега е потпишано и е во сила е предвидено во рамки на ребалансот на Буџетот. Што не е потпишано не е предвидено во овој момент во ребалансот, но затоа се прават дополнителни анализи врз основа на коишто ќе видиме како ќе биде од 2025 година, порача денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

-Овој ребаланс на буџет беше за да ги затвориме сите отворени проблеми коишто можат да направат дополнителни штети на Буџетот, рече Димитриеска Кочоска  во одговор на прашање на денешната прес конференција и додаде дека приоритет беше прво да се сервисираат старите обврски.

Овој ребаланс, потенцира, во суштина значи одобрување на средства коишто не биле предвидени во Буџетот, а коишто значат законска обврска врз основа на која доколку има тужби следат дополнителни трошоци, затезни камати итн.

-Околу 30 милиони евра во 2023 година се исплатени само по основ на извршни решенија и ова годинава се очекува да биде многу повеќе. Сето тоа како резултат на тоа што претходните министри воопшто не воделе сметка за тоа  колкави штети прават по Буџетот од овие дополнителни законски камати и судски предмети коишто ги создавале. Најчесто се од повреди на Законот за работни односи каде што се префрлани вработени од едно на друго место, вработените си тужеле, си добиле на суд. Исто има и непочитување на колективните договори коишто биле потпишани и на тој основ исто така има многу тужби. Ние не можеме сега во овој момент, имајќи предвид дека имаме еден куп законски обврски за коишто постојат ризици дека дополнително ќе го оптоварат буџетот, да предвидуваме и нешто плус, посочи Димитриеска Кочоска.

Синдикатот на УПОЗ, пак, денеска реагираше на заклучокот на Владата со кој се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да бараат мислење од Министерството за финансии.

-Некој повторно сака да го ограничи преговорите и потпишувањето на Колективни договори!!! Како да не се научија грешките од минатото? Дали на повидок е уназадување на правата кои произлегуваат од Колективните договори??Со заклучок од седница на Влада, министерот за финансии повторно ќе одлучува кој ќе може, а кој не ќе може да склучи колектив договор? Вака ли ќе градиме социјален дијалог?, прашува Синдикатот на УПОЗ во објава на „Фејсбук“.

Денеска, исто така, и министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите рече дека годинава не ќе може да се потпише колективниот договор за здравството и да се исплати зголемување на платите на здравствените работници.

Владата во вторникот го усвои ребалансот на Буџетот, а министерката за финансии во средата на прес-конференција информираше дека се усвоени и неколку заклучоци.

Дел од заклучоците се – буџетските корисници се задолжуваат при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.

Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори треба да побараат мислење од Министерството за финансии.

Оние буџетски корисници кои остваруваат самофинансирачки активности и имаат неискористени средства во форма на салдо на сметки, тековното работење на институцијата наместо со буџетски средства да го финансираат со користење на средства од сопствените сметки.

ПредходнаГерапетритис: Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, имаме средства за дополнителен притисок на билатерално и меѓународно ниво
СледнаПремиерот Мицкоски оствари средба со амбасадорите на државите-членки на ЕУ