дома Свет Предизвиците на Фон дер Лајен при составот на нејзината нова Еврокомисија

Предизвиците на Фон дер Лајен при составот на нејзината нова Еврокомисија

25

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во четвртокот упати официјално барање до земјите членки на ЕУ да номинираат свои кандидати за еврокомесари најдоцна до 30 август. 

Заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста потсети дека по нејзиниот реизбор на функцијата претседателка на Европската комисија минатата недела, Фон дер Лајен најави дека ќе побара од земјите членки да предложат по еден маж и една жена за кандидати за еврокомесари, како дел од нејзиниот стремеж за полова рамноправност, односно еднаков број на мажи и жени во Колеџот на комесари.

Извори во ЕУ, како што јави дописникот на МИА од Брисел, посочуваат дека земјите членки сепак не се обврзани да предлагаат по двајца кандидати.

– Според Договорите (на ЕУ), земјите членки треба да дадат кандидат, во еднина, не двајца. Бидете уверени дека некои ќе се одлучат да не предложат двајца кандидати, бидејќи свесно го направиле својот избор (за еврокомесар) во согласност со она што за нив има смисла од  политички аспект, изјави европски дипломатот.

Досегашните најави укажуваат дека стремежот на Фон дер Лајен за полова рамноправност нема да биде лесно остварлив во пракса, имајќи пред вид дека голем број земји членки планираат да номинираат само по еден кандидат, од кои повеќето мажи. Дополнително, при селекцијата на кандидатите, таа ќе мора да води сметка и за партиската припадност на оние што ќе ги избере, како и за постигнување баланс помеѓу доделените ресори и регионите од кои потекнуваат еврокомесарите.

Летонија соопшти дека ќе го номинира актуелниот член на ЕК, Владис Домбровскис, со што Рига ќе биде ослободена од обврската да предложи и жена, од причини што Фон дер Лајен веќе најави дека од обврската за номинирање по двајца кандидати од различен пол нема да важи за земјите членки кои член во Комисијата ќе предложат актуелен еврокомесар. Домбровскис е член на партијата Единство (В), која е дел од десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП).

Истата обврска, не важи ниту за Словачка, која се реши за актуелниот потпретседател на Еврокомисијата за Зелениот договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович. Шефчович доаѓа од партијата Насока – Социјална демократија (СМЕР), која е суспендирана од членство во Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) поради коалициска соработка со екстремната десница, па во моментов не и припаѓа на ниту една групација.

Ирска како свој официјален кандидат го предложи доскорешниот ирски министер за финансии Мајкл Мекграт, кој доаѓа од редовите на Републиканската партија „Фиана Фојл“, а Словенија го номинира поранешниот прв човек на словенечкиот Суд на ревизори, Томаж Весел од Движењето Слобода (ГС). И двете партии се членки на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ).

Малта, која веќе доби едно врвните раководни места во ЕУ во името на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, за еврокомесар го предложи Глен Микалеф од Лабуристичката партија, членка на СД, кој до минатиот месец беше шеф на Кабинетот на малтешкиот премиер Роберт Абела.

Финска ја предложи актуелната европратеничка и поранешна министерка за образование, за јавна администрација и локална самоуправа и за транспорт Хена Виркунен од Националната коалициска партијата (КОК), која е дел од ЕПП, а Чешка го номинира својот актуелен министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела, кој себеси се декларира како либерал, иако не член на ниту една партија, а е дел на Владата како кадар на членката на ЕПП, Градоначалници и независни (СТАН).

Шведска официјално ја предложи актуелната министерска за европски прашања и нордиска соработка Јесика Розвал, која доаѓа од редовите на Умерената коалициска партија (М), членка на ЕПП, а Шпанија застана зад припадничката на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и СД, министерката за енергија Тереза Рибера.

За шпанската Влада предлогот на Европска Унија за 15 отсто намалување на гасот за сите земји-членки на ЕУ, го оцени како неправеден и неефикасен

Холандија најави дека за еврокомесар ќе предложи кандидат што не е поврзан со новата холандска Влада и го номинира актуелниот комесар за климатска акција Вопке Хукстра, кој е припадник на Христијанско демократскиот повик (ЦДА), партија членка на ЕПП. ЦДА не е дел од актуелната Влада.

Во однос на кандидатот на Австрија за еврокомесар извесно е само дека тој ќе биде од редовите на членката на ЕПП, владејачката Австриската народна партија (ОВП). Како можни кандидати за австриски еврокомесар се споменуваат министерката за Европа, Катерине Едштадлер, министерот за финансии Магнус Брунер и поранешниот европратеник Отмар Карас, чија номинација ја поддржува и помалиот владин коалициски партнер – Зелени-Зелена Алтернатива (Грине).

Кога станува збор за Белгија во игра се четворица кандидати – актуелниот еврокомесар за правда Дидие Рејндерс, актуелната европратеничка и поранешна премиерка и министерка за надворешни работи Софи Вилмес, актуелниот вицепремиер и министер за социјална политика и здравство Франк Ванденбрук и премиерот во заминување Александер де Кро. Сепак, најголеми шанси му се даваат на Рејндерс, кој доаѓа од Реформско движење (МР), дел од РЕ. Неговата сопартијка Вилмес официјално изјави дека не е заинтересирана за функција во Европската комисија, шансите на Ванденбрук не се особено големи имајќи предвид дека доаѓа од партијата Напред (Воројт), членка на СД, а Де Кро, кој не ги крие своите амбиции за „работно место“ во ЕУ, има мали шанси да биде номиниран, бидејќи неговата Отворени либерални демократи и Фламанци (Опен ВЛД) нема да биде дел од идната белгиска владина коалиција.

Бугарија се уште нема решено кој ќе биде нејзин еврокомесар од причина што бугарските партии не можат да се договорат за формирање влада, па со земјата раководи технички Кабинет. Сепак, како можни кандидати се споменуваат две жени кои имаат искуство со работа во Европската комисија – актуелната еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова и нејзината претходничка на оваа функција и поранешна вицепремиерка и шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел. И Иванова и Габриел се членки на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), која е дел од ЕПП.

Како поверојатни кандидати на Данска за еврокомесари се споменуваат актуелните министри за развојна соработка и глобална климатска политика и за индустрија, Дан Јоргесен и Морден Будскоу, кои се членови на партијата Социјалдемократи (С), дел од СД, а како помалку веројатни – шефот на дипломатијата Ларс Луке Расмусен од партијата Умерени (М)/РЕ и актуелната извршна потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргарете Ветсагер од Радикалната левица – Данската социјал-либерална партија (РВ), исто така членка на РЕ.

Скопје го направи токму она што како Европа го баравме од нив и штом го сторија тоа, наместо да ги забрзаме, ние ги запревме, вели потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас во интервјуто за гр

Од Грција како најсериозни кандидати се најавуваат поранешниот претседател на Европскиот комитет на региони и актуелен гувернер на грчкиот регион Централна Македонија, Апостолос Цицикостас и актуелниот потпретседател на Еврокомисијата задолжен за европскиот начин на живот Маргаритис Схинас. Сепак, како евентуални кандидати се споменуваат и министерот за надворешни работи Јоргос Герапетририс, но и премиерот Киријакос Мицотакис. Сите четворица се членови на Нова демократија (НД), која е дел од семејството на ЕПП.

Италија како најверојатни кандидати за еврокомесари ги најавува министерот за ЕУ, Рафаеле Фито или за финансии Карло Џоргети. Џоргери е член на партијата Лига од екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ), а Фито на Браќата на Италија (ФДИ) од десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), но ја има поддршката и на членката на ЕПП, Форца Италија (ФИ). Покрај нив, во игра се и шефот на дипломатијата, поранешен еврокомесар и лидер на ФИ, Антонио Тајани, министерот за земјоделство Франческо Лолобриџида од ФДИ, поранешниот непартиски премиер Марио Драги, како и директорката на Управата за безбедносни информации и екс-генерална секретарка на Министерството за надворешни работи, која не е членка на ниту една партија, но важи за блиска до актуелната премиерка и лидерка на ФДИ, Џорџа Мелони.

Како најсериозен кандидат на Кипар за еврокомесар се споменува поранешниот министер за финансии Харис Георгијадес, но во игра е и актуелната еврокомесарка за здравство и безбедност на храната Стела Киријакидес, иако таа ја исклучи таквата можност. И двајцата се членови на Демократскиот собир (ДИСИ), дел од ЕПП.

За кандидат на Литванија за член на Европската комисија се споменуваат шефот на дипломатијата Габриелиус Ландсбергис, министерката за финансии Гинтаре Скаисте, но и премиерката Ингрида Шимониде, сите членови на Татковинската унија – Литвански христијански демократи (ТС-ЛКД) од ЕПП. Ландсбергис, кој важи за фаворит меѓу тројцата кандидати, веќе доби отворена поддршка за кандидатурата од претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, но несогласувањата меѓу него и левичарскиот претседател на државата Гитанас Науседа, би можеле да му ги намалат шансите за добивање еврокомесарски мандат.

Од Луксембург во игра се актуелниот еврокомесар за работни места и социјални права Николас Шмит од Луксембуршката социјалистичка работничка партија (ЛСАП), кој беше и шпиценкандидат на СД на јунските евроизбори, како и поранешниот европратеник Кристоф Хансен од Христијанско социјалната народна партија (ЦСВ), која е членка на ЕПП. Хансен беше утврден како кандидат за еврокомесар со владиниот коалициски договор меѓу ЦСВ и либералите, но се проценува дека Фон дер Лајен би можела да побара од луксембуршкиот премиер Лук Фриден да го номинира Шмит, кој би добил „позначаен“ ресор и место потпретседател на ЕК, како дел од договорената распределба на водечките функции меѓу европските партии. Номинацијата и изборот на Шмит би и помогнале на Фон дер Лајен во нејзината амбиција за поголема партиска рамнотежа во Еврокомисијата.

Еврокомесарот за работни места и социјални права, Луксембуржанецот Николас Шмит најави дека е заинтересиран да биде водечки кандидат на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) на изборите з

Полска има тројца кандидати за еврокомесар, при што најмногу шанси му се даваат на актуелниот амбасадор на земјата во ЕУ, Пјотр Серафин, кој важи за близок соработник на премиерот Доналд Туск, а во игра се и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски и европратеникот Борис Будка. Серафин официјално не е член на ниту една партија, а Сикорски и Будка, како и Туск, доаѓаат од партијата Граѓанска платформа (ПО), која е дел од ЕПП.

Од Португалија како потенцијални кандидати се споменуваат извршниот директор на Канцеларијата на ОН за проектни услуги (УНОПС), Жорже Мореира да Силва, поранешниот министер за регионален развој Мигел Појареш Мадуро и актуелниот шеф на дипломaтијата Пауло Ранжел, кои се членови на Социјалдемократската партија (ПСД)/ЕПП. Во игра е и актуелната еврокомесарка за кохезија и реформи Елиса Фереира од Социјалистичката партија (ПС), членка на СД, но нејзините шанси се проценуваат како минимални, од причина што Лисабон веќе го поддржа изборот на поранешниот лидер на социјалистите Антонио Кошта за претседател на Советот на ЕУ, па малку е веројатно дека актуелната конзервативна Влада би номинирала двајца социјалистички кандидати за значајни позиции во Унијата.

Како кандидати на Романија се посочуваат министерката за надворешни работи Луминица Одобеску, актуелната еврокомесарка за транспорт Адина-Јоана Вaлеан и европратеникот Зигфрид Мурешан. Како можен кандидат се споменува и актуелниот романски претседател Клаус Јоанис, чиј втор мандат истекува во декември и нема право на трет, а кој претходно се повлече од трката за генерален секретар на НАТО. Сите четворица се членови на помалиот владин партнер Националната либерална партија (ПНЛ) од семејството на ЕПП. Се проценува дека романскиот кандидат би можел да биде дел од поширокиот договор во владината коалиција во пресрет на претседателските избори во септември и парламентарните во декември.

Најверојатен кандидат на Унгарија ќе биде актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. Сепак, доколку неговата кандидатура „не помине“, во игра за место во Еврокомисијата се споменуваат и министерот за ЕУ, Јанош Бока и европратеничката Енико Ѓури, кои како и Вархеји се членови на партијата Фидес – Унгарска граѓанска алијанска, дел од Патриотите за Европа (ПФЕ).

Хрватска најверојатно ќе ја номинира актуелната еврокомесарка за демократија и демографија Дубравка Шуица, која доаѓа од членката на ЕПП, Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

За кандидат на Франција во игра е актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тјери Бретон, кој официјално се води како независен, иако е поранешен член на некогашниот конзервативен Сојуз на народното движење (УМП), а сега важи за близок до францускиот претседател Емануел Макрон и неговата центристичка партија Ренесанса, која е дел од либералната РЕ. Сепак, неизвесно е дали Фон дер Лајен би ја прифатила неговата кандидатура, имајќи ги предвид нивните претходни несогласувања и нападите на Бретон врз неа откако беше номинирана за „шпиценкандидат“ на ЕПП за јунските евроизбори.

Еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон се консултирал со платформите за стриминг, како Нетфликс, и побарал да внимаваат на капацитетот на мрежата поради зголемената побарувачка за инт

Германија и Естонија годинава нема да предлагаат кандидати за еврокомесари, бидејќи нивните места во Европската комисија веќе ги заземаа Фон дер Лајен од германската Христијанско демократската унија (ЦДУ)/ЕПП и поранешната естонска премиерка Каја Калас од Естонската реформска партија (ЕР)/РЕ, која Советот на ЕУ ја номинира за висока претставничка за надворешна политика и безбедност на местото на Жосеп Борел.

Овие номинации и најави за можни кандидати јасно покажуваат дека бројот на еврокомесари од Европската народна партија ќе биде значително поголем од оние на другите партии и многу веројатно ова ќе биде Европска комисија со најмногу членови на ЕПП досега.

Во однос на посакуваниот ресор, земјите членки најмногу се заинтересирани за портфолија од економско-финансискиот сектор, но и за проширувањето и земјоделството.

Ако економско-финансиските ресори, како трговијата, индустријата, конкурентноста и економската политика и досега важеа за „важни“ портфолија, во новиот мандат на Еврокомисијата дополнителна тежина добива и проширувањето, бидејќи покрај на подготовката на теренот за идното членство во ЕУ на деветте земји кандидати опфатени со процесот на проширување, ресорниот еврокомесар ќе има ингеренции и во внатрешните реформи на блокот во следните години, како подготовка за прием на новите членки.

Земјоделството, исто така, добива на тежина за кое се заинтересирани повеќе земји, иако ЕПП, која во текот на кампањата за евроизборите се обиде да се претстави и како „партија на земјоделците“, веќе јасно стави до знаење дека има намера со овој ресор да раководи нејзин член.

Австрија би сакала да го добие ресорот проширување, миграции, одбрана или земјоделство, Белгија е заинтересирана за конкурентност или евентуално здравство, а Грција за некое „клучно“ портфолио поврзано со економијата, но би ги прифатила и проширувањето, миграциите или ново најавениот ресор за Медитеранот.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, на прес-конференцијата по денешниот Совет за општи работи на ЕУ, посочи дека сите 27 земји членки дале целосна поддршка за новата мето

Данска ги преферира портфолијата трговија или климатска акција, Ирска е заинтересирана за некој економски ресор, како финансиски услуги, трговија или енергетика, додека Италија пројавува интерес за поголем број портфолија, вклучително и индустрија, конкурентност, кохезија, монетарна политика, земјоделство, одбрана и миграции.

Кипар би сакал да го добие новиот ресор за Медитеранот или транспортот, на што особено инсистира влијателниот кипарски поморски сектор, Летонија е заинтересирана за внатрешниот пазар, некој друг економски ресор или задолженија поврзани со обновата на Украина, а Литванија за некое портфолио поврзано со одбраната, како одбранбената индустрија, но и за проширувањето.

Луксембург е заинтересиран за ресор поврзан со финансиите, домувањето, но и земјоделството, Малта за портфолиото за Медитеранот или за некој ресор поврзан со економијата, а Полска за проширувањето, енергијата или одбранбената индустрија, како и за едно потпретседателско место на Еврокомисијата.

Португалија би сакала да раководи со кохезијата или со земјоделството, Романија со портфолио поврзано со економијата или финансиите, додека Словачка пледира на економски ресор – индустрија или трговија.

Унгарија одново би го сакала ресорот проширување, иако е малку веројатно да го задржи поради традицијата една земја да не раководи со исто портфолио во два последователни мандати на ЕК, па нејзин „втор избор“ се Медитеранот или меѓународни партнерства, Финска е заинтересирана за ресор поврзан со безбедноста и отпорноста, енергијата или транспортот, а Франција сака да добие „моќен“ ресор кој би ги вклучувал стратешкиот суверенитет на ЕУ, индустријата, трговијата и финансиите.

Австралискиот премиер Скот Морисон одби да го поддржи Ветувањето за метан за да може да добие поддршка за нула емисии на јаглерод до 2050 година од помладиот партнер во коалициската влада-Нац

Холандија е заинтересирана за некој економски или финансиски ресор, Хрватска пред се за земјоделството, а Чешка ги посакува ресорите енергија или буџет.

Шведска и Шпанија се заинтересирани за ресорите енергија или климатска акција, со тоа што Стокхолм евентуално пледира и на портфолиото за проширување.

Единствено, Бугарија и Словенија засега не се изјасниле за кој ресор се заинтересирани.

Се чини дека распределбата на ресорите ќе биде уште поголем проблем за Фон дер Лајен од изборот на кандидатите за еврокомесари, особено во услови кога меѓу земјите членки веќе почнаа пазарења околу нивна поделба, а некои лидери и јасно порачаа со кое портфолио би сакале да раководат на нивните членови на ЕК.

Така, италијанскиот премиерка Мелони изјави дека на Италија „треба да и се признае улогата што ја заслужува“ и да добие некој „значаен“ ресор кој ќе ги вклучува индустријата, конкурентноста и кохезија. Нејзиниот чешки колега Петр Фиала, чија Граѓанска демократска партија (ОДС) е членка на ЕЦР на Мелони, порача дека Прага сака „силно портфолио, по можност економско“.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони се сретна со својот полски колега Матеуш Моравјецки пред неформалниот состанок на Европскиот совет организиран од шпанското претседателство во Гранада, ја

Добивање на „големо портфолио“ очекуваат и Полска и Грција, чии премиери имаа важна улога во обезбедувањето поддршка за реизборот на Фон дер Лајен.

Според дипломатски извори, распределбата на ресорите ќе биде многу тешка задача за Фон дер Лајен, бидејќи „има многу барања и амбиции“, а некои еврокомесари ќе мора да раководат и со некои од „неважните“ портфолија, како културата.

Иако, се прават напори да се прикаже дека не постојат ресори од прва, втора или трета класа, сепак реалноста го негира тоа, што најдобро се гледа во борбата за распределбата на портфолијата, посочуваат истите извори.

Откако Фон дер Лајен ќе го направи изборот на еврокомесари и ќе ги распредели ресорите, за што, како што најави претходно ќе разговара со секој од кандидатите „за да ги избере најдобрите, кои се подготвени да ја споделуваат европската посветеност“, номинираните комесари ќе треба да бидат „сослушани“ од ресорните комитети во Европскиот парламент, процес што се очекува да започне кон крајот на септември или почетокот на октомври. Откако, комитетите ќе ги одобрат кандидатите за еврокомесари, Европарламентот ќе треба да гласа за избор на Комисијата во целина на пленарна седница.

Иако се очекува „џентлменскиот договор“ меѓу центристичките партии од т.н. „проевропско мнозинство“ да се почитува и при одобрувањето на еврокомесарите, сепак не е исклучено да се појават некои несогласувања меѓу нив, а во процесот на самите сослушувања се предвидува особено да бидат активни членовите на Патриотите за Европа и Европските конзервативци и реформисти, кои во моментов се трета и четврта по бројност пратенички групи, а беа исклучени од разговорите за распределба на врвните функции во ЕУ.

ПредходнаСредновековното Војводство Литванија повод за тензии во односите меѓу Литванците и Белорусите
СледнаИзраел нападна цели на Хезболах во Либан