дома Избрано Орденот за „нашиот херој“ Орбан веќе се кова

Орденот за „нашиот херој“ Орбан веќе се кова

32

Не требаше да помине долго време за да се види дека за џенерозните 500 милиони евра, треба и нешто да се даде. На пример, лиценца за трет комуникациски оператор.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со орден од Србија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан со орден од Србија кој што му беше доделен во септември 2022 годинаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Прво тоа изгледаше како некое попатно споменување за можноста дополнително да се отвори телекомуникацискиот пазар во Македонија. Од некни се виде дека тоа е со месеци, ако не и година, разработуван проект.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, порано спомена дека ќе се разгледува можноста за трет телекомуникациски оператор. Можноста не треба да се разгледува, таа е веќе разгледана во времето кога владејачката партија беше опозиција со нејзините најголеми сојузници, патрони и идеолошки и економски покровители – Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Врвот на владата покажува дури и нестрпливост и спроведува чекори како да не се грижи воопшто за тоа дека јавноста треба да биде барем малку подетало запознаена и да се разговара за тоа.

Во петтата недела на новата влада Николоски веќе беше во Будимпешта (тој е клучната врска со партиската и државната структура на Орбан многу години) да најави дека унгарската компанија 4iG ќе ги прочува можностите за влез во телекомуникацискиот сектор во Македонија.

4iG израсна од опскурност до водечка ИТ-компанија во Унгарија за неколку години преку профитабилни државни нарачки. Европските медиуми кои пишуваат за случувањата во телекомуникацискиот свет велат дека таа е „совршен пример за тоа како новата деловна елита лојална на Виктор Орбан ја зајакна својата контрола во главните сектори на економијата“. Преку купување-продавање 4iG и нејзиниот директор Гелерт Јасаи се поврзани со најмоќниот унгарски олигарх и пријател на Орбан, Лоринц Месарош.

 Александар Николоски и Гелерт Јасаи во Будимпешта
Александар Николоски и Гелерт Јасаи во БудимпештаФотографија: Transportministerium Nordmazedonien

Интересно е што Николоски отиде во Будимпешта уште пред да се договорат деталите од заемот влада-со-влада од 500 милиони евра. За условите во него би требало во Будимпешта идната недела да замине министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, а потоа да се преточи во закон. Но она што не мора да стои во законот, ниту во тајни анекси, е дека за таков поволен заем со камата од 3,25 отсто треба и нешто да ѝ се овозможи (т.е. даде) на унгарската страна. Нов оператор во телекомуникациската средина во Македонија е извонредна шанса. Дали преку него ќе дојде и „Хуавеј“, откако кинеската компанија и 4iG потпишаа писмо со намери за воспоставување заедничка платформа за клауд услуги за унгарските компании и големите кинески и азиски компании во Централна и Источна Европа за време на посетата на кинескиот претседател Ши Џинпинг на Будимпешта во мај оваа година, ќе видиме. Можеби ова нема да биде единственото големо отворање за унгарскиот бизнис во Македонија?

Покровителите од Будимпешта

Пред десетина дена, во интервјуто за Телма, премиерот Христијан Мицкоски изрече извонредна ода на пофалба за Виктор Орбан. Тој ги отфрли забелешките дека може да се работи и за политички или други концесии.

„Ние треба да му дадеме орден на Виктор Орбан. Да го прогласиме за херој затоа што ни помага. До ова специјална економска соработка дојде и поради моето лично пријателство со Орбан и за тоа се разговараше и во времето кога бевме во опозиција и се правеа планови како би работеле доколку дојдеме на власт“, рече Мицкоски.

Како што гледаме, веќе почна да се кова орденот за Виктор Орбан, а на кој начин и како ќе го прогласиме за херој можеби и не ќе треба да чекаме долго.

Сосема е јасно – партиската и државната структура на Виктор Орбан е патот по кој новата влада решила да ја води Македонија. Она што изгледаше само како политика на блискост и најава за поддршка забрзано ја претвора Македонија во регионална испостава на Орбан – лошото момче на европската политика. Владата на Мицкоски и владата на Александар Вучиќ сега се единствените вистински пријатели на Орбан. Трансверзалата Будимпешта-Белград-Скопје е веќе формирана.

Какви придобивки или какви неволји може да ни донесе вклучувањето во оваа оска допрва треба да видиме. Двете комуникациски компании што оперираат во Македонија – германската „Дојче телеком“ и „А1“ на државниот Телеком на Австрија, сосем веројатно дека нема да бидат среќни ако некој трет со благослов на македонската влада влезе во бизнисот за поделба на пазарот. Дали на некаков начин ќе реагираат тие или нивните влади не би можеле да знаеме, но конфорната зона за нив ќе се намали.

Неколку години наназад е нејасно зошто ВМРО-ДПМНЕ одржува толку блиски контакти со Фидес на Орбан. Шпионската помош за бегството на Никола Груевски е само еден дел од оваа сложувалка. Тоа е она што секој го знае, но она што не се гледа, а уште помалку се знае, е во голема мерка мистерија. Фидес беше протерана од Европската народна партија (групацијата на десничарски партии). ВМРО-ДПМНЕ сепак знае дека ако го следи патот на нејзините патрони ќе ги загуби речиси сите важни политички контакти во Европа. Може да ѝ останат само Националниот собир на Марин Лепен, шпанската Вокс или Шега во Португалија. Браќа на Италија на италијанската премиерка Џорџа Мелони е во друга група во Европскиот парламент. Според повеќе сигнали што стигнуваат од ЕПП, членството на ВМРО-ДПМНЕ поради исклучителна блискост со Орбан подолго време е ставено под лупа.

Одамна се поминати деновите кога пред изборите во Македонија (особено во времето на Никола Груевски), доаѓаа познати лица од групата партии од ЕПП. По овогодишниот триумф на ВМРО-ДПМНЕ на изборите немаше ни честитка од ЕПП или нејзиниот претседател Манфред Вебер. Немаше честитка ни за Гордана Сиљановска-Давкова за нејзината победа на претседателските избори, иако таа толку многу се фалеше дека била на конгресот на групацијата во Букурешт.

Наместо честитка, две недели по изборите Вебер испрати прилично непријатна порака до лидерството на сестринската партија.

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба целосно да ги почитува обврзувачките одредби од Преспанскиот договор и доследно да го користи името Северна Македонија. Почитувањето на меѓународните договори е основен предуслов за нас како ЕПП. Во спротивно, Европа не може да функционира и ЕУ нема да го прифати ова“, објави тогаш Вебер на платформата Х (Икс).

Комплицирано е за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги калибрираат односите со ЕПП, особено што генерален секретар на политичката група сега е Танасис Бакаолас, порано десна рака на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. И ноншалантно да замижуваат кога треба да ги читаат пораките што стигнуваат од Европа за Орбан. Затоа што иднината на Македонија не е во оската Будимпешта-Белград-Скопје.

На пример, би требало повнимателно да прочитаат што му напиша Манфред Вебер на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, оваа недела по најавата на Унгарија дека ќе ја прошири својата „национална карта“ за да ги вклучи Русите и Белорусите. Ако не можат да го најдат писмото во оригинал, би можеле да прочитаат големи делови од него во „Фајненшел тајмс“.

Во писмото до Мишел, шефот на ЕПП, Манфред Вебер, вели дека шемата што ја најавува Будимпешта покренува „сериозна загриженост за националната безбедност“ и создава „големи дупки за шпионски активности“. Вебер го повикува Мишел да го покрене ова прашање на следниот состанок на националните лидери на 27-те земји на ЕУ во октомври.Националната картичка му дозволува на лицето да работи во Унгарија до две години, а шемата е поедноставна од добивањето редовна работна дозвола или деловна виза. Таа, исто така, овозможува обединување на семејството и може да се продолжи. По три години, носителот на националната картичка ќе се квалификува за постојан престој.

Што е најважно, им олеснува на имателите на картички да пристапат до пошироката Шенген зона, „заобиколувајќи ги ограничувањата што ги бара правото на ЕУ“, се вели во писмото на Вебер, испратено во понеделникот.

„Недостигот на јасна потреба од таков широк и нерегулиран механизам за влез на руските и белоруските работници… поставува прашања за последиците за Унгарија и пошироката Шенген зона“.

Досега националната картичка важеше само за граѓаните на Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина – сите кандидати за членство во ЕУ или веќе преговараат.

Годишниот аџилак на Орбан во Баиле Тушнад

Ако не сакаат да читаат вакви писма или предупредување за „нашиот херој“ Виктор Орбан, би можеле да го проучуваат она што унгарскиот лидер го кажуваше на неговиот редовен аџилак во романскиот бањски центар Баиле Тушнад во Трансилванија, во регионот каде живее големо етничко унгарско население. За Александар Николоски тоа ќе биде убаво потсетување, бидејќи пред неколку години беше на овој фестивал на Фидес во соседна земја.

Овој камп е претежно познат по контроверзните говори на Орбан, кои во претходните години се користеа за да ја собере неговата база, да ја пренесе неговата политичка визија и да ги провоцира и предизвика неговите критичари.

Собирот во Баиле Тушнад започна по антикомунистичките револуции во 1989 година. Отпрвин, кампот беше место за романските и унгарските либерални елити да ги споредат записите за комплицираноста во бизнисот и за демократската транзиција. Но, до 2010 година, годината кога Орбан се врати на власт во Унгарија, Романците веќе не беа поканувани и настанот се претвори во „летен камп“ на Фидес.

Орбан учествуваше на секој камп од 1990 година. За него, тоа е место од симболично значење, дури и на лично ниво. За Орбан, Тушвањош не е место за дипломатска цивилизација, туку место каде што тој зборува послободно. Во 2014 година, Орбан ја објави својата намера да основа „нелиберална држава“ во Унгарија, наведувајќи ги како пример Русија и Турција. Потоа, во 2022 година, Орбан упати остра говор против прифаќањето на имигрантите од другите континенти во Европа, во која ја критикуваше идејата за „мешање на раси“.

Во Тушнад, меѓу верниците на Фидес, Орбан е крал. Во имагинацијата на унгарските националисти Трансилванија во источните Карпати е митско место. Тоа е зелена и дива територија со архаични допири, каде што романтичниот национализам може да се изрази далеку од главните градови.

 Виктор Орбан
За Орбан, Тушвањош e место каде што тој зборува послободноФотографија: Alexandru Dobre/AP Photo/picture alliance

Годинава, унгарскиот премиер зборуваше за многу од неговите вообичаени теми, критикувајќи ја Европската унија и претерано фалејќи го Доналд Трамп.

Годинава тој се пожали што Брисел ја осуди неговата „мировна мисија“ – патувањето во Киев, Москва и Пекинг, велејќи дека за тоа постои и христијанска обврска, но тоа не може да го објасни. Според него, негова должност е ако види зло, мора да дејствува. Тој вели дека и Брисел е дел од војната за да стигне до мирот. Орбан ова го потсетува на Ленин, кој со комунизмот ја чекаше смртта на државата за таа прво да зајакне. Орбан рече дека Орвел е во право – мирот е војна, војната е мир.

Украинците веќе се вразумија, на ред е Европа, бидејќи ако доцна се разбуди ќе мора да се вразуми по повторното доаѓање на Трамп на власт. „Трамп е пред портите. Ако Европа дотогаш не се префрли на политика на мир, тоа ќе мора да го направи по победата на Трамп“, рече Орбан.

„Русија е поинаква од она што го видовме дека е, како што бевме натерани да ја гледаме. Нивната економска издржливост е извонредна“, објасни Орбан. Во минатото, највисоките лидери на ЕУ тврдеа дека санкциите и исклучувањето од системот SWIFT ќе бидат доволни за да ги доведат на колена. Реалноста, според него, е дека Русите извлекоа лекции од санкциите од 2014 година, ги претворија во акција, спроведоа банкарски и ИТ-случувања, се адаптираа и од увозник на храна се претворија во извозник.

Тој оддаде и пофалба: „Русија не е ригидна автократија, туку е технички, економски и можеби социјално флексибилна“.

Орбан, исто така, ја спореди војната во Украина со „црвената пилула“ во филмот „Матрикс“, мем што беше популаризиран во последниве години и прифатен од алт-десничарските и екстремно десничарските групи.

Во филмот од 1999 година, на главниот лик, Нео, му е дадена опцијата да земе црвена пилула, која ќе му овозможи да го види светот каков што е, или сина пилула која ќе му овозможи да остане во блажено непознавање на реалноста сокриена од злобни сили.

Земањето „црвена пилула“ воведе „гледна точка и ни дава сосема поинаква перспектива“, рече Орбан, тврдејќи дека и Украина и Русија се водени од сопствените перципирани вистини и амбиции. „Ако е до двете страни, нема да има мир, мора да се донесе однадвор“, нагласи тој.

„Европа се откажа од одбраната на сопствените интереси“, рече Орбан во обраќањето. „Сѐ што прави Европа денес е безусловно да ја следи надворешната политика на демократите во САД… дури и по цена на самоуништување.“

Доаѓа промена која не е видена 500 години. Она со што се соочуваме е всушност промена на светскиот поредок“, додаде тој, наведувајќи ги Кина, Индија, Пакистан и Индонезија како „доминантен центар“ на светот.

Орбан тврдеше дека САД стојат зад експлозиите во 2022 година кои ги оштетија гасоводите „Северен тек“ изградени за транспорт на гас од Русија до Германија, нарекувајќи го „терористички чин извршен по очигледна задача на Американците“. Тој не понуди никаков доказ за да го поткрепи тврдењето.

И така натаму, и така натаму.

Орбан зборуваше многу долго во Баиле Тушнад, како што го прави секоја година. Вмровските мислители би можеле да го побараат целиот транскрипт за да може да ги најдат точките со кои би се поистоветиле со нивниот покровител. А кои би можеле да ги одбегнат, затоа што паѓањето во европската или американска немилост не може да се надокнадат ни со уште две милијарди унгарски евра.

DW

ПредходнаШпанија го казни Букинг со 413 милиони евра поради злоупотреба на својата пазарна позиција
СледнаИталијанската боксерка Карини наградена со 100.000 долари