дома Економија По комисиската расправа ребалансот на буџетот оди на пленарна седница

По комисиската расправа ребалансот на буџетот оди на пленарна седница

19

По комисиската расправа ребалансот на буџетот оди на пленарна седница

  Ребалансот на буџетот ја помина собраниската Комисија за финансирање и буџет, по што треба да добие поддршка на пленарна седница, која може да трае најмногу три дена. Општата расправа на Комисијата за ребалансот траеше три дена, а амандманската заврши вчера.

За ребалансот пратениците поднесоа вкупно 58 амадмани, дел од нив повлекоа, другите беа одбиени. Прифатени беа само два амандмана – за исплата на административците и за политичко рекламирање кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, што ги поднесоа пратениците Бојан Стојаноски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред завршувањето на седницата.

Стојаноски со амандманот побара 318 милиони денари за изборната администрација, а Стојаноска 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека двата амандмана се прифатливи, зашто, објасни, се работи за исплата на законски обврски.

Според пратениците од Европски фронт ребалансот на буџетот е нелегитимен, нереален, селективен и популистички, поради што најавија дека нема да го поддржат.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планира ребалансот на буџетот за 2024-та година да биде донесен во втората недела од август, по што, како што вели пратеникот Бојан Стојановски, ќе започне консолидацијата на затегнатите состојби.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска образложувајќи го ребалансот на собраниската Комисија, нагласи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.

ПредходнаМицкоски и Курти се смирија, а ќе го јаде со кривична телохранителот на Гаши
СледнаУапсено лице за фалсификување монети во акција на македонската и косовската полиција