дома Економија АСОМ до пратениците: Кажете НЕ на неевропскиот и неуставен Закон за игри...

АСОМ до пратениците: Кажете НЕ на неевропскиот и неуставен Закон за игри на среќа

56

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија- АСОМ и Асоцијација на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина – АПИС, денес, во придружба на дел своите вработени пред Собранието на РСМ испрати порака до пратениците од Комисијата за европски прашања да го отфрлат предлог Законот за игри на среќа кој ќе значи крај за легалната индустрија на игри на среќа и ќе и отвори широко врата на сивата економија и криминалот.

„Овој закон не е ништо друго освен директна интервенција на државата со која повеќе од 10.000 директно вработени и 54.000 индиректни работници ќе останат без приход и работа. Секој еден од овие луѓе кои ни се придружија денес директно ќе бидат погодени со губење на работното место ако се донесе овој неевропски, неуставен и монополски закон. Луѓето плаќаат кредити, голем дел од нив се росители кои ја планираат иднината на своите деца, сите тие се луѓе кои ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза. “-истакна Васко Илијевски претседател на АСОМ.

Двете асоцијации апелираа до пратениците и Владата да ги сфатат многу сериозно и потенцираа дека апсолутно се неприфатливи предлог измените кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на Интернет за лиценцираните приредувачи, како и зголемување на давачките и надоместоците.

„Покрај тоа што законот е направен со цел уништување на легалната индустрија, тој е подготвен исклучително непрофесионално, со низа небулози спротивни на пазарната логика. Тоа е така затоа што со години Владата и сите институции воопшто не се консултираат со нас како легитимни претставници на 95% од лиценцираните компании во државата. Далеку од очите на јавноста, далеку од експертите и познавачите, Владата си скроила апсурден закон кој не смее и нема да помине. “- потенцираше Илијевски.

АСОМ и АПИС посочија дека новите предлог измени ќе предизвикаат непоправливи  економски штети за целата држава бидејќи Владата ќе ликвидира легална индустрија која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра. Тие истакнаа дека од нивен интерес е играчите да се заштитени и едуцирани, а легислативата да се европеизира.

„Одговорно тврдиме дека ова што Владата го прави е спротивно на тоа. Ќе се отвори нелегална игра и ќе се донесат играчите во голем ризик, а криминалот и сивата економија ќе се зголемат. Ова ќе бидат ефектите од новиот закон за игри на среќа.“- нагласи Илијевски.

АСОМ и АПИС апелираа и до ЕУ и нивните претставници во државата да ја спречат злоупотребата на европското знаменце која стана секојдневна пракса во државата.

„Како ние ќе верувам во Европската унија и правдата која таа ја носи кога во нејзино име се злоупотребуваат законите за ништење на цела индустрија за сметка на интересите на поединци?“- прашаа асоцијациите.

АСОМ и АПИС денешниот собир го нарекоа показна вежба за тоа што ќе се случува доколку се продолжи насила и без консултации да се носи овој закон.

„Нема сила која ќе не спречи да ја бараме правдата до крај, на улиците и во институциите се до конечна победа на правдата која е на наша страна. Бараме итно повлекување на законот, бараме формирање на заедничка работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата за носење на нов европски и функционален закон. Зошто се кријат и бегаат од вакво демократско носење на закони ако се чесни во намерите?“- прашаа од АСОМ.

Од АСОМ посочија дека додека под маса со европско знаменце и без дебата се носи овој катастрофален закон, Владата паралелно распишува незаконски огласи за 3 нови приредувачи на игри на среќа на интернет со улови срочени за странски компании, посочувајќи дека тоа е нечесно, подмолно и лицемерно.

„Додека од една страна се носи закон за затварање на индустријата и уништување на домшните лиценцирани компании, Владата се ќе се ортачи со странски компании кои ќе имаат по еден или два вработени тука и на големо ќе ги промовира игрите на среќа на интернет. Има ли поголемо лицемерие од ова? Освен бизнис логика, друга логика во овој потег не може да се види. И токму затоа јасно кажуваме – ова нема да помине.“- истакнаа од АСОМ.

АСОМ и АПИС порачаа дека денешниот собир е симболичен приказ за нивниот став во однос на предлог Законот за игри на среќа, истакнувајќи дека доколку нивните апели не се слушнат подготвени се на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречат донесувањето на овој деструктивен закон.



ПредходнаНад 55 отсто од граѓаните ги поддржуваат антикризните мерки, тврди министерот Бектеши
СледнаИнфлацијата во септември поголема за 6,6 отсто