дома Македонија Отвораме нов простор во Скопје за замена на личните документи и без...

Отвораме нов простор во Скопје за замена на личните документи и без закажување

60

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изрази уверување дека сите граѓани ќе успеат да ги заменат своите лични документи со нови со новото уставно име до истекот на рокот во февруари догодина, и најави отворање простор со дополнителни работни позиции во Скопје каде што граѓаните ќе можат да дојдат по нови документи и без закажан термин.

-Ние веќе подготвуваме еден посебен простор во Градот Скопје со инсталирање нови работни позиции, нови работни станици, на кои граѓаните ќе можат да извршат дактилоскопирање, сликање итн. за новите лични документи. Веќе во наредните денови ќе бидеме подготвени и ќе можеме да ги отвориме новите позиции во кои граѓаните ќе можат дури и без најава да дојдат и да ги менуваат своите документи, обелодени Спасовски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето што ќе прават граѓаните што со месеци ќе останат со документи со старото име, бидејќи следните термини за закажување се јули, вели дека поради тоа работат на создавање нови работни позиции во посебен објект.

-Затоа реков дека создаваме нови работни позиции во посебен објект, со тоа што ќе можат граѓаните да доаѓаат и без закажување. Идејата е максимално да се динамизира овој процес за сите овие граѓани да можат да си ја завршат работата. Знаете дека работиме и двосменски. Работиме и за време на викенди. Сè со цел да се постигне реализација на целиот процес, вели тој.

На прашањето зошто МВР не почнало со издавање лични документи со новото уставно име веднаш или наскоро по потпишувањето на Преспанскиот договор, Спасовски рече дека усогласувањето со уставните измени и законот за јазици барале подготовка.

-Никој не ги направил пасошите со новото уставно име или со примена на законот за јазици за да може Република Северна Македонија сега да оди во некој ’драгстор’ или во трафика да ги купи и веднаш од утредента да почне. За тоа требаше да заврши период во кој стапува на сила законот, ратификации итн., па да се отпочне постапка во која софтверски и хардверски ќе се подготви, па да се нарачаат обрасци, па тие обрасци да бидат изработени, да дојдат и да стартуваме од 1 јули, кажа Спасовски.

На прашањето дали е фер, дури и да имало објективни околности, граѓаните да ја плаќаат цената, Спасовски одговори дека така кажуваат правните документи, меѓународните договори и домашните законски измени.

„Тоа не е секогаш на две години. Моментално, таква е состојбата во којашто ние правиме промена поради уставните измени и тоа е факт од кој никој не може да избега, рече Спасовски, додавајќи дека се шпекулации и невистини тврдењата дека некој може да биде казнет ако до истекот на рокот не извади нови документи.

Според министерот, досега личните документи ги смениле над еден милион граѓани и тој е задоволен од динамиката на овој процес. Вели дека 80 отсто од граѓаните од внатрешноста на земјата веќе си ги замениле личните документи за разлика од скопјани.

-Факт е дека околу 70 проценти од закажаните термини што ги имаат граѓаните на телефонскиот број ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, па презакажуваат нови термини, што создава одлагање на целиот процес, кажа Спасовски.

МИА

– Реклама –

ПредходнаПовторно истрелани ракети од Либан кон Израел
СледнаОна што следува ќе одекнува со генерации, порача Нетанјаху, нагласи дека САД го поддржуваат Израел на „секој начин“