Роберт Ф. Кенеди помладиот му даде подршка на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп придружувајќи му се синоќа на митинг во Аризона, неколку часа откако ја суспендираше неговата претседателска кампања. Кенеди изјави дека ќе се повлече од гласачкото ливче во 10 клучни сојузни држави.
Подршката за Трамп предизвика тензии во семејството на Кенеди, едно од најпознатите семејни лози во американската политика кое потекнува од Демократската партија.
Трамп изјави дека е „многу почестен“ што ја добил поддршката од независниот претседателски кандидат Кенеди помладиот, кој го нарече „големо засилување“. Американските медиуми јавуваат дека Трамп ја разгледува можноста да му даде кабинетско место на Кенеди во неговата администрација.
-Многу сум почестен од тоа, изјави Трамп во интервју за д-р Фил синоќа. „Го познавам долго време, бевме делумно пријатели, всушност, и мислам дека ќе биде големо засилување.“
Интервјуто доаѓа откако Кенеди на прес-конференција во петокот објави дека ја суспендира својата кампања во клучните држави и ги повика своите гласачи да го дадат својот глас за Трамп. Кенеди има мала подршка од пет до шест отсто во неколку клучни држави како Аризона и може да стане спојлер за претседателската кандидатка Камала Харис.
Во меѓувреме, пет членови од неговото семејство излегоа со изјава во која подршката за Трамп ја нарекоа „тажен крај на една тажна приказна“ и ја повторија нивната подршка за Харис и нејзиниот кандидат за потпретседател, Тим Валц.
-Одлуката на нашиот брат Боби денеска да го поддржи Трамп е предавство на вредностите што на нашиот татко и нашето семејство им се најблиски до срцето, стои во изјавата објавена на Х од неговата сестра Кери Кенеди.
-Ние веруваме во Харис и Валц. Сакаме Америка исполнета со надеж и обединета со заедничка визија за посветла иднина, иднина дефинирана од индивидуалната слобода, економските перспективи и национална гордост, изјавија од семејството.
Кенеди помладиот, кој е син на покојниот државен обвинител и сенатор Роберт Кенеди и внук на претседателот Џон Ф. Кенеди, и кој за време на Ковид пандемијата ширеше антиваксерски погледи и други теории на заговор, призна дека неговата одлука да го подржи Трамп предизвикала тензии со неговото најблиско семејство.