дома Избрано Манастирот во Матка се подготвува да ги пречека верниците и граѓаните на...

Манастирот во Матка се подготвува да ги пречека верниците и граѓаните на одбележувањето на Голема Богородица (видео)

28
Манастирот во Матка се подготвува да ги пречека верниците и граѓаните на одбележувањето на Голема Богородица  (видео)

  Со големи народни собири секоја година на 28 август се одбележува еден од најголемите христијански празници „Успение на Пресвета Богородица“ или „Голема Богородица“. Верниците на овој ден ги посетуваат најблиските цркви или манастири и се молат на мајката Богородица за здравје, среќа и благосостојба. Екипата на МИА го посети манастирот во Матка, каде деновиве се прават последните подготовки за одбележување на овој голем ден, кој воедно е нивниот патронен празник.

Манастирот Успение на Пресвета Богородица (познат и како Манастир Матка) се наоѓа веднаш на левиот брег на реката Треска, по браната на езерото Матка, на околу 17 километри од центарот на градот Скопје. Тој е активен манастир во кој постои женско монашко сестринство.

Сестрите во манастирот ги организираа последните подготовки за претстојниот празник, го чистеа дворот, ја подготвуваа летната кујна. Во манастирот можевме да забележиме дека доаѓаа верници кои доброволно се пријавиле да помогнат околку подготовките за празникот.

На 28 август манастирот секогаш е посетен од илјадници скопјани како на црковните служби посветени на Успението на пресвета Богородица, така и на големата општонародна веселба проследена со манастирска трпеза (гравче). Ова е традиција која што се одржува со години.

Сестрата Доротеа во изјава за МИА ни објасни дека манастирот датира од 1337 година, а фреските се од 1497 година. Како што посочи, за одржување на самиот манастир најмногу се грижи сестринството.

-Манастирот датира од 1337 година, оваа градба што е сега. Фреските се од 1497 година. Имало тука ранохристијански храм од четврти до шести век, заклучно со шести век. За одржување на манастирот главно сестринството се грижи, имаме економија на самоодржливост, вели сестрата Доротеа.

Изработка на свештени одејанија, бројаници, лековити производи, природни масла и креми 

Она што е значајно е тоа што сестрите во овој манастир изработуваат бројаници, свештени одејанија, лековити производи, зимници, везени производи, оплеменети производи, приврзоци. Имаат и пчелни производи, создаваат природни масла и креми.

-Изработуваме свештеници одежди, се што е потребно за опремување од платно, од везење за една црква. Изработуваме, цртаме кадилници, шолји, бројаници. Има повеќе работи кои ги создаваме, во нашата продавничка може да се види дека продаваме и ликери и креми. Од неодамна имаме и пчели. Немаме мед сега за продавање, но од тоа што го имаме од пчелите, ги правиме природните производи како масленца, креми, за толку имаме. Немаме мед за продавање, но имаме пчелни производи за производство на тие природни работи, додава сестрата Доротеа за МИА.

Сестринството денот го започнува во раните утрински зори со собирање на краток синаксис, на којшто се читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за келијното молитвено правило, се до започнувањето на дневните послушанија, при кои се изработуваат и манастирските производи. Сестрите за време на послушанијата го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.

Сите активности во манастирот редовно се објавуваат во дигитализирана форма

Инаку, сите производи кои се создаваат во манастирот и можат да се купат, се објавени и на нивната веб-страница, па заинтересираните купувачи можат да си нарачаат онлајн. Сите активности на сестрите во манастирот се презентирани и во дигитална форма на оваа нивна веб-страница. Во делот на одржување на веб-страницата задолжени се сестрите во соработка со стручните лица.

-Одеждите и сите наши останати производи ги имаме на нашиот сајт. Заинтересираните купувачи порачуваат и преку сајтот, но и има и директно што доаѓаат во продавничката и во работилницата. Посетителите се заинтересирани и за одеждите. Ние шиеме и изработуваме за Македонската православна црква (МПЦ), за Македонците надвор од Македонија, како и за цела православна игумена. Се порачува и од странство. Сме шиеле за Грција, за Русија, за Финска, за Американската православна црква, за Финската православна црква, за Америка и Австралија, за нашите иселеници во Европа. Немаме големо производство, но сме изработувале за повеќе држави, рече сестрата Доротеа за МИА.

Како што појасни, инспирацијата за изработка на свештените одежди ја црпат од изворното наследство на нивната црква, најмногу од византиското сликарство. Таа додаде дека при самата изработка на помош доаѓаат неколку девојчиња од надвор, а на прашање колку време е потребно за да биде готова една изработка, рече дека тоа зависи од везот и од тоа за каква одежда станува збор.

-Инспирацијата ја црпиме од изворното наследство на нашата црква, византиски најмногу, од византиското сликарство. Инволвирано е сестринството. Имаме уште неколку девојчиња што доаѓаат, што помагаат. Колку е потребно за да се изработи една одежда, тоа зависи од везот, зависи кои одежди ќе се работат. Да речеме ѓаконските одежди се со најмалку елементи, па свештеничките , па владичките. Зависи кои одежди, зависи од везот, од материјалот, појаснува сестрата Доротеа.

На 27 август вечерна литургија и бдеење, на 28 август утринска литургија и општонародна веселба

Илјадници скопјани и жители од други делови на земјата, христијани, но и муслимани доаѓаат во манастирот да се помолат за здравје пред Мајката Божја.

Литургијата по повод празникот Успение на Пресвета Богородица е на 28 август во 8:30 часот а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. Претходниот ден на 27 август во 18: 30 часот ќе се одржи вечерната служба, а пред полноќ ќе започне сеноќното бдеење.

-Активностите се тие. Вечерната служба почнува во 18:30 часот . Имаме бдение на 27-ми август од 23:30 часот. На 28-ми август имаме литургија од 8:30 часот, а ќе има подготвена и храна за сите гости што ќе дојдат, додаде сестрата Доротеа.

Манастирот, како што рече, е посетен и од млади луѓе. Има редовни посетители континуирано, а се зголемува и бројот на луѓе кои што доаѓаат на литургија.

-Во манастирот доаѓаат и млади луѓе, а се зголемува бројот на луѓе кои што доаѓаат на литургија. Редовни посетители има континуирано. Манастирот не е толку посетен како што е посетена Матка, нема толку гужви, но сепак континуирано има заинтересирани кои доаѓаат, додаде сестрата Доротеа.

Како и секоја, така и оваа година патронен празник на манастирот, меѓу народот познат како „ Голема Богородица“, се одбележува и со организирање на општонародна веселба проследена со манастирска трпеза (гравче), која ја посетуваат илјадници граѓани.

-Како и секоја година манастирот продолжува со славата, со традицијата, славата на Пресвета Богородица, знаејќи дека Пресвета Богородица е од исклучително значење, не само за нашиот манастирот, туку за целиот свет. Можам да кажам дека ликот на Пресвета Богородица е од исклучително значење не само за нашиот манастир, не само за нашата држава, туку за целиот свет, за сите што ќе ја побараат, рече за МИА сестрата Доротеа.

Овој собир има и хуманитарен карактер, бидејќи исто така традиционално во дворот на манастирот секоја година се одржува и крводарителска акција.

Бисера Трајковска

Елизабета Велјановска Најдеска

ПредходнаУкраина ја повика Белорусија да ja повлече војската од границата
СледнаВрачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата