Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 проценти, односно за 17 илјади ученици, а во основното образование, намалувањето изнесува 5 проценти, односно 10 илјади ученици.
Ова го покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации, во кое се користени податоци од Државниот завод за статистика.
Според истражувањето, во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот регион.
Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.
Во релативни бројки, најголемо намалување на бројот на ученици во осмолетка има во општина Ново Село, каде само за десет години, бројот на ученици во односното образование е преполовен, односно е намален за 57 отсто.
Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово.
Спротивно, зголемување на бројот на ученици имало во десет општини од Скопскиот регион, а со тоа и во Градот Скопје во целина.
-Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот на ученици за 56 %. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59 %. Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43 %, односно за нешто повеќе од илјада ученици. Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 %, стои во соопштението од Центарот за граѓански комуникации.
Кога станува збор за средното образование, се посочува, состојбата е многу полоша. Таму, намалување на бројот на ученици има во дури 73 општини, односно во 90 % од општините, вклучувајќи го и Град Скопје како целина.
Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови, почнувајќи од Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.
Процентуално, пак, најголем губитник е Пехчево. Таму, бројот на ученици во средно е намален за 83 % само во последните десет години. Преполовување на бројот на средношколци има во Крушево, Македонски Брод и Врапчиште.
Во главниот град Скопје има намалување од 2.727 средношколци, односно за 10 % во последната учебна година.
Спротивно, зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци.
-Како и да е, во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот на ученици во останатите 73 општини, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации
Истовремено со намалувањето на бројот на ученици во основното образование насекаде низ земјава, се посочува, бројот на наставници е зголемен.
-Имено, во последната учебна година имало 1203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за 7 %. Истовремено, бројот на ученици е намален за 5 проценти. Кога станува збор за средното образование, бројот на наставници е намален за речиси 5 %, но таму намалувањето на бројот на ученици е за 20 %, стои во истражувањето објавено од Центарот за граѓански комуникации.