Премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за уставните измени апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. Мицкоски вечерва во телевизиско интервју рече дека не станува збор дали граѓаните или политичарите имаат воља за уставни измени туку дали во Брисел има воља да се реши ова прашање.
-Не станува збор тука за воља… Граѓаните, политичките партии многу пати покажаа воља, прашањето е дали во Брисел има воља да се реши овој проблем, затоа што ако има воља во Брисел има и начин. Евроинтегративниот процес е двонасочна улица. Евроинтегративниот процес не е само танц на еден, не е ова соло танц, ние мораме да имаме двонасочна улица, мора да имаме танц во којшто играат двајца. Вистинската адреса е попатна Софија, а директна Брисел. Треба да знаеме што е тоа што тие го планираат со Македонија. Ние имаме целосно изедначена надворешна политика со ЕУ, безбедносна политика, континуирано ги следиме процесите кои ги води ЕИ, но за жал изминативе две и пол децении изоболува со многу предизвици и тие предизвици се вештачки. Секогаш тие предизвици удираа и задираат на македонскиот идентитет, сите тие и многу пати македонскиот идентитет во минатото е начнат. Се правени отстапки на сметка на македонскиот идентитет. И во таа насока, јас апелирам да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес, рече Мицкоски во интервју на телевизија АЛСАТ – М.
За жал, додаде тој, некои од земјите – членки се обидуваат што повеќе билатерални проблеми да внесат во евроинтегративниот процес. Некој треба да излезе и да ја објасни суштината на преговорите, вели Мицкоски, посочувајќи дека тие се за дa се зголемат и да се подобрат капацитетите на институциите.
-И сега ние зборуваме како да ги подобриме капацитетите на институциите кај нас, а решаваме прашања од средниот век од 11-от и 12-от век рече премиерот.
Потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и дека таму ќе биде соопштен владиниот предлог за кој веќе јавно се зборува. Мицкоски вели дека тие нема да влезат наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да има јасен план и гаранција.
– А тој јасен план и јасна гаранција мора да бидат потврда која што ќе се темели на јасна порака и на јасни постигнувања. Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме и да видиме имаме ние предлог. Тој предлог ние јасно го зборуваме, тој предлог не е од сега. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот македонски и јазикот итн., затоа што ако ги погледате поглавјате 34 и 35 ги нема… Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да дискутираме и да најдеме решение, вели премиерот.
Во интервјуто премиерот зборуваше и за десетте постулати со кои повика на заедништво и сплотеност истакнувајќи дека мнозинството граѓани сакаат подобар живот, повисоки плати, ред, а не етнички теми и тензии со кои СДСМ и ДУИ прават дефокус обидувајќи се да го заштитат криминалот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека најголемиот дел од граѓаните, две третини не сакаат етнички конфликти и тензија, туку сакаат подобар живот, повеќе пари, повисоки плати, повисок стандард и ред, и тоа е дел од овие десет столбови.
-Има политичари и политички структури кои во отсуство на ваква понуда или немање желба да се признае што направи оваа влада во изминативе два месеци се обидуваат да направат дефокус со етнички теми, мислејќи дека на тој начин ќе мобилизираат поголема маса, за да може да го заштитат криминално стекнатиот имот, посочи Мицкоски.