Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека неговиот настап на првата предизборна телевизиска дебата со демократската противкандидатка Камала Харис бил најдобар досега, истакнувајќи дека оваа „важна“ дебата покажала колку демократите се „слаби“.
– Беше многу интересно и се покажа колку се слаби, колку се патетични, изјави Трамп веднаш по дебатата на телевизијата Еј-Би-Си Њуз. Поранешниот американски претседател нагласи дека дебатата всушност била „три против еден“, алудирајќи на тоа дека модераторите наводно биле на страната на демократката Камала Харис.
Трамп додаде дека не знаел дека пејачката Тејлор Свифт ја поддржала Харис и оти смета дека анкетите покажуваат дека тој добро се претставил за време на дебатата.
Камала Харис, пак, по дебатата соопшти дека „имаме работа“, и оти американскиот народ во вторник навечер имал можност да види за што се залагаат кандидатите. Таа нагласи дека поделбите не треба да бидат во фокусот на претседателските кампањи.
Демократскиот американски претседател Џозеф Бајден на Х напиша дека Харис во дебатата докажала дека е „најдобриот избор да ја води нацијата напред“.
– Не се враќаме назад, напиша Бајден.
Поранешната прва дама на САД Мишел Обама оцени дека „постои само еден кандидат подготвен да биде претседател“ и ги повика гласачите да гласаат за Камала Харис и кандидатот за потпретседател Тим Волц.
Потпретседателскиот кандидат на Трамп, Џеј Ди Венс, рече дека Камала Харис „нема суштина“, додека републиканецот има „вистинска визија“ за САД. Тој додаде дека Трамп е горд на своите достигнувања, додека Харис „со причина“ се срами од она што го направила досега.
Коментаторите на Си-Ен-Ен, Џејк Тапер и Крис Волас, заклучија дека дебатата била „погубна“ за Трамп, оценувајќи дека е исто толку лоша за поранешниот претседател како што беше дебатата во јуни за Џо Бајден. Анкетата на Си-Ен-Ен покажа дека, по дебатата, 45 отсто од гласачите имаат позитивно мислење за Харис, а 44 отсто имаат негативен став за потпретседателката.
Тоа е подобрување во однос на периодот пред дебатата, кога 39 отсто од гласачите изјавиле дека позитивно гледаат на Харис. Во исто време, ставовите на набљудувачите на дебатата за Трамп не се променија многу, 39 отсто го оцениле позитивно, а 51 отсто неповолно, слично на ставовите пред дебатата меѓу истите гласачи.
Идентичен дел од набљудувачите на дебатата, 54 отсто, рекле дека имаат барем одредена доверба во способноста на кандидатите да ја водат земјата, а 36 отсто рекле дека имаат голема доверба во Трамп, додека 32 отсто од гласачите го кажале истото за Харис. Во јуни, само 14 отсто од оние кои се вклучија во претседателската дебата меѓу Трамп и Џо Бајден изразија целосна доверба во способноста на Бајден да ја води земјата. Во однос на вчерашната дебата, гледачите на Си-Ен-Ен рекоа, 42 отсто до 33 отсто, дека Харис понудила подобар план за решавање на проблемите на земјата од Трамп, а 22 отсто рекле дека ниту еден од кандидатите не понудил добар план.
Демократската кандидатка Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп вчера се соочија во првата и жестока телевизиска дебата во Филаделфија, борејќи се за гласови пред претседателските избори во САД закажани за ноември. Главните теми беа економијата и имиграцијата, како и војните во Појасот Газа и Украина.