дома Балкан Земјите на Квинтa: Ставот за мостот на Ибар не е променет, сега...

Земјите на Квинтa: Ставот за мостот на Ибар не е променет, сега не е моментот тој да се отвори

5

  Ставот на земјите од таканаречената „Група Квинта“, односно петте највлијателни држави кои имаат амбасади во Косово, во однос на отворањето на мостот на реката Ибар во Митровица не е променет, односно остануваат на ставот дека мостот моментно не треба да се отвора за промет на возила, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одговор за медиумите на групацијата „Коса“ од германската амбасада во Приштина, се наведува дека овој став се нагласува во континуитет и дека сите актери се запознаени со него.

-Ставот на амбасадите на земјите од Квинта постојано се соопштува и тој им е познат на сите актери. Нема промена на оваа позиција, изјави секретарот за култура, медиуми и комуникација при германската амбасада во Приштина, Кристијан Бочер.

Претставниците на земјите од Квинта – Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Франција и Италија – во континуитет изјавуваат дека се против промена на статусот на мостот на Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со албанско мнозинство и северен со мнозинство Срби. Според нив, ова прашање треба да се реши во рамки на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој се одвива со посредство на Европската унија.

Косовскиот премиер, Албин Курти во вторникот, на 10 септември, при посетата на северот на земјата, рече дека за отворањето на мостот чекаат на координација со земјите од Квинта и со Мисијата на НАТО во Косово, КФОР.

-Ние сме подготвени. Со консултации и координација. Ги чекаме Квинта и КФОР. Постојано сме во координација со нив. Направивме подготовки и работи околу чистењето на околината и проценката на издржливоста на мостот од технички и физички аспект, рече Курти.

Истиот ден, неколку часа по изјавата на Курти, КФОР испрати соопштение до медиумите, во кое се наведува дека ставот на мисијата на НАТО во Косово по тоа прашање не е променет. Во него се нагласува дека одлуката за отворање на централниот мост во Митровица мора да се донесе во дијалогот меѓу Приштина и Белград.

-По прашањето за можното отворање на мостот на реката Ибар во Митровица за возила, нашиот став цело време беше транспарентен и конзистентен. Секоја одлука во оваа насока мора да се донесе преку дијалог и во навремена и ефективна координација со меѓународната заедница, се вели во изјавата на портпаролот на КФОР, Салваторе Масколи.

ПредходнаМицотакис од фон дер Лајен бара европски решенија за високите цени на струјата и нарушувањата на европскиот енергетски пазар
СледнаРаст на цените на нафтата