Европската комисија денеска распиша конкурс за аплицирање за проекти за енергетска инфраструктура, кои имаат статус на Проекти од заеднички интерес (ПЦИ) или Проекти од взаемен интерес (ПМИ), а се насочени кон остварување на целите на ЕУ за справување со климатските промени, како и за зголемување на конкурентноста на блокот.
Одбраните проекти на конкурсот ќе бидат финансиски поддржани со средства од сегашната Повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, во која за потребите на енергетската инфраструктура се преостанати околу 3,5 милијарди евра.
Инвестициите ќе бидат наменети за инфраструктурата и технологиите за чиста енергија, како што се проекти поврзани со обновливите извори на енергија, мрежната инфраструктура и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид, како еден од приоритетите на новата Европска комисија за изградба на „чиста индустрија“.
– Конкурсот ќе придонесе за воспоставување на втората листа на Унијата на проекти од заеднички интерес и проекти од взаемен интерес, која се планира Комисијата да ја усвои до крајот на 2025 година, по консултации со засегнатите страни и регулаторите, се наведува во соопштението на ЕК.
Рокот за пријавување на конкурсот е 18 ноември 2024 година, освен за проекти за паметни електрични и гасни мрежи и за ставање крај на енергетската изолација на Кипар и Малта, за кои аплицирањето ќе трае до 18 декември годинава.