дома Политика Муцунски: Да се воспостави систем за предвидливост на нашиот пат кон полноправно...

Муцунски: Да се воспостави систем за предвидливост на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ

1

– Тоа е наш клучен приоритет, но бараме воспоставување на систем преку кој што ќе има предвидливост на нашиот пат кон полноправно членство, изјави во интервју за МИА министерот Муцунски.

Запрашан како ги коментира информациите од Брисел дека доколку до Нова година нема уставни измени, ќе прекинат разговорите за наше членство во ЕУ, министерот за надворешни работи вели дека се сомнева дека такво нешто ќе се случи.

-Не сакам да верувам на брифинзи. Сакам да верувам на она што го зборуваме и со политичките претставници на земјите – членки, но и со претставниците на ЕУ, а тоа е дека ЕУ останува посветена на Западниот Балкан, дека сака целосна интеграција на Западниот Балкан и од таа гледна точка познавајќи ја и суштината на политиката за проширување како композитна политика на ЕУ се сомневам дека ќе дојде до прекин на какви било разговори со државата, рече Муцунски.

Министерот рече дека нема да ги коментира изјавите на бугарските политичари од деновиве, а за декларацијата рече дека секогаш кога има избори во Бугарија се носи некаква декларација.

– Нема да им ја дадам таа привилегија да навлезам во секојдневниот дискурс на таа кампања, а посакувам поуспешен завршеток на кампања. Да имаме политичка влада, ќе повторам, која со целосен политички легитимитет ќе разговара со нас за сите отворени прашања, бидејќи колку што нас не засега ова закочување на европските процеси верувам дека тие што автентично вруваат во Европската иднина и на Бугарија, сакаат да се одблокира тој процес за заеднички да се движиме напред по исти патишта, рече Муцунски.

Во продолжение во целост интервјуто со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски:

Министре кои ќе бидат следните чекори на македонската дипломатија по раздвојувањето на Македонија и на Албанија на патот на Европската унија? 

Прво, мораме да останеме посветни на она што ни е обврска, а тоа е да останеме посветени на она што ни е обврска, а тоа е да ги спроведуваме оние реформи кои се потребни за што побрзо државата автентично да чекори кон патот на полноправно членство во Европската унија. Тоа се примарно оние критериуми кои ни се јасно познати и потврдени преку копенхагеншките и мадридските критериуми, апроксимација на акито во нашето законодавство, конкретен чекор превзема и Владата со прифаќањето на реформската агенда. Истата реформска агенда која што ни овозможи пристап до планот за раст. И од таа гледна точка ќе бидеме насочени кон домашните реформи, кон сето она што ни е потребно за доближување кон највисоките стандарди на Европската унија, а од надворешнополитичка гледна точка ќе ја продолжиме комуникацијата и со нашите стратешки партнери и со земјите членки на ЕУ – да ги убедиме дека ние сакаме што побргу да се отворат пристапните преговори. Тоа е наш клучен приоритет, но бараме воспоставување на систем преку кој што ќе има предвидливост на нашиот пат кон полноправно членство. Земјаќи во предвид колку во актуелниот геополитички контекст е значајно да се движи напред процесот на проширување верувам дека ќе има разбирање од земјите членки и од нашите стратешки партнери и заеднички ќе најдеме компромисно решение кое што ги обезбедува тие гаранции за којшто подолго време зборуваме.

Како ги коментарите дипломатските брифинзи од Брисел дека доколку Северна Македонија не ги направи уставните измени до крајот на годинава ќе прекинат разговорите за преговори за ЕУ? 

Се сомневам дека такво нешто ќе се случи. Не сакам да верувам на брифинзи, сакам да верувам на она што го зборуваме и со политичките претставници на земјите – членки, но и со претставниците на Европската унија, а тоа е дека Европската унија останува посветена на Западниот Балкан, дека сака целосна интеграција на Западниот Балкан и од таа гледна точка познавајќи ја и суштината на политиката за проширување како композитна политика на Европската унија се сомневам дека ќе дојде до прекин на какви било разговори со државата. Имаме процес којшто треба да го придвижиме напред. Да, треба да се бара компромис, но компромис во којшто ќе бидеме сигурни дека нема да имаме дополнителни нарушувања на идентитетските обележја на македонскиот народ.

Унгарскиот премиер беше во Охрид. Имавме заедничка меѓувладина конференција. Тој предложи да посредува во разговорите меѓу Македонија и Бугарија. Бугарскиот министер за надворешни работи експресно го одби тој предлог. Дали за нас е прифатлив таков начин на посредување во разговорите и како би се реализирале ова посредување? 

Прво што е значајно е што Унгарија не е само земја – членка на ЕУ туку земјата членка што претседава со ЕУ и тоа не е факт што треба да се потцени бидејќи претседавачот има одреден политички авторитет насочен кон остварување на целите на претседавањето, а една од целите на претседавањето на Унгарија е и нешто опипливо да се постигне од гледна точка на проширувањето кон Западниот Балкан. Ние сме подготвени да добиеме помош од која било од земјите членки. Секоја од земјите членки која смета дека може да даде проективен импут за изнаоѓање на решение го сметаме како позитивен гест, бидејќи на крајот нели самата одлука треба да се донесе со консензус на земјите – членки. Нормално е посебно земјите членки кои се географски поблиску до регионот да го имаат најголемиот интерес, како што нормална политичка пракса е директните соседи да сакаат да го поспешуваат твојот пат кон полноправно членство наместо да бидат пречка кон него. Не би сакал да ги коментирам изјавите на бугарските политичари. Имаше денес и коментари кои вие ги споменавте и насочени кон претседателот на Владата, кон мене итн., и сметам дека е незрело да влегуваме во секојдневниот политички дискурс кој што е дел од активна кампања во Бугарија. Им посакуваме среќа во кампањата и им посакуваме по завршувањето на кампањата да има политичка влада во Софија со која што ќе можеме со полн легитимитет да разговараме.

Рековте нема да ги коментирате изјавите на бугарските политичари, каде повторно има изборна кампања и нови избори. Но, бугарското Собрание повторно донесе Декларација. Како вие ќе одговорите на засилувањата на условувањата кон нашата земја и македонскиот народ? 

Секој пат кога се распишуваат избори во Бугарија има декаларација поврзана со македонското прашање. Ова се претвора веќе во пракса. Има и провокации насочени ќе повторам примарно кон премиерот, а второстепно и кон мене. Најголемата желба на политичарите во Бугарија е да се симнеме на тоа ниво, за уште повеќе да го експлоатираат ова прашање во кампањата и да ја претворат кампањата во кампања за македонското прашање. Тоа задоволство нема да им го дадам. Ние треба ги заштитиме нашите интереси и да го правиме тоа на еден позитивен и цивилизиран начин. Ја искористивме културната дипломатија како алатка, образовната дипломатија ќе ја користиме, економската дипломатија ќе ја користиме, но ќе си ги штитиме и нашите интереси. Тоа значи нема да бидеме попустливи и истовремено ќе градиме мостови. Нема да им ја дадам таа привилегија да навлезам во секојдневниот дискурс на таа кампања, а посакувам поуспешен завршеток на кампања. Да имаме политичка влада, ќе повторам, која со целосен политички легитимитет ќе разговара со нас за сите отворени прашања, бидејќи колку што нас не засега ова закочување на европските процеси верувам дека тие што автентично вруваат во Европската иднина и на Бугарија, сакаат да се одблокира тој процес за заеднички да се движиме напред по исти патишта.

Деновиве сме во Њујорк. Учествувавме на Самитот на иднината и на Генералното собрание на ОН. Имавте бројни средби. Каков заклучок може да изведете од сите овие средби но и од учеството на ГС на ОН имајќи ги предвид сите глобални текови во моментов кои што не се врзани само со војните во Украина – Русија, Газа – Израел – Либан, Судан, туку и климатските промени и сиромаштијата? 

Навистина беше интересно се да се следи, не само генералното собрание туку и оние странични настани коишто во голема мера се одржуваа каде што земав активно учество со свои говори и со свој инпут. Имав огромен број билатерални средби не само со земјите –членки на ЕУ туку и од НАТО, како и и други држави во светот како што е Мороко, Обединетите Арапски Емирати, Индија и други. И секако има одредени заклучоци. Прв и основен заклучок е дека мултилатерализмот е во сериозна криза. Втор заклучок кој што би можел да го дадам е дека има сериозна грижа за правецот во којшто се движе светот. Што значи, треба поодговорен пристап не само од мултилатералните организации туку и од земјите, да имаме одговорен пристап насочен кон создавање на глобална хармонија, кон обезбедување на мир, но и пристап којшто принципелно ќе ги стави повторно на пиедестал принципите коишто произлегуваат од меѓународното јавно право. Навистина можеби загрижен од она што следиме што се случува. Она што спомнавте вие, да, воената агресија на Украина врз Русија е голем проблем, но исто така имаме сериозни кризи воени жаришта Израел и Газа, Либан, Судан … што значи имаме обврска се повеќе и повеќе да зборуваме за мир, обезбеден преку користење на дипломатски средства. Во таа насока грижа има, и вие како медиум ги следевте настаните, сигурен сум дека доаѓате до многу слични констатации како моите, но тоа не значи дека треба да се откажеме од патот напред туку дека треба да ги бараме најдобрите решенија за да излеземе од една опасна состојба во која што се наоѓа светот.

Имајќи ги предвид сите овие околности за кои што зборувавме, дали ние како мала држава треба да ги менуваме позициите и одредени ставови но и да поттикнеме поинакви однесувања во нашата средина за да можеме да се заштитиме себеси? 

Ние прво треба да бидеме позитивен чинител, да не бидеме чинител кој нуди деструкција и хаос во меѓународните односи, да бидеме позитивен чинител врз основа на јасни принципи. Проблемите кои ги имаме сега произлегуваат од едно одлучување во минатото во надворешната политика кое што било потпрено на постојана адаптација на туѓите принципи и приоритети. Ние треба да си поставиме наши приоритети и да се движиме следствено на нив. И тука тврдам дека не е надворешната политика алатка која што се користи единствено за да се постигнат политички цели. Имаме ние економски, трговски, инвестициски цели кои мораме да ги користиме и не случајно јас имав средби од Мороко, Обединетите Арапски Емирати и од Индија, бидејќи во тие три земји гледаме одреден потенцијал и треба да ја користиме културната дипломатија, образованата и сите оние алтернативни алатки кои ќе не афирмираат како промотор на позитивни вредности но кои што ќе донесат и некој конкретен бенефит за граѓаните дома во државата. Ние не сме тука да зборуваме само за политика, туку да зборуваме и за потенцијални проекти кои го подобруваат животот и благосостојбата на сите граѓани на нашата држава.

Господиме Муцунски интервјуто го правиме во Њујорк, САД. Дел од нашите дипломатско конзуларни претставништва во светот се испразнети. Некои ги дополнувате со привремен кадар. Кога се планирам назначување на нови амбасадори и каде би било тоа најбрзо?  

Кога ги наследивме состојбите во институциите видовме дека има една несоодветна распределба, прво, на кадарот во Министерството за надворешни работи по нашите дипломатско-конзуларни претставништва. И како најкласичен пример го давам фактот што имаме само двајца дипломати во нашата амбасада во Вашингтон, амбасадор плус уште еден помлад дипломат, во земја која е наш стратешки партнер и која што негуваме одлични односи не само во политиката туку и во делот на одбранбената и безбедносната политика, во делот на економијата и сите оние други прашања, вклучително ова е и држава каде што имаме и голема дијаспора. Во таа насока ние сега правиме план за распределба на дипломати внатре од МНР кои треба да бидат упатени во следниот период во дипломатско-конзуларните претставништва, а имам начелна согласност и со претседателката и со претседателот на Владата дека по моето враќање од ова патување во САД ќе го отпочнеме процесот на консултации за именување на амбасадори и пополнување на дел од амбасадите и генералните конзулати каде што се испразнети или наскоро ќе бидат испразнети од највисоките функции.

Кои места се приоритет? 

Немаме ние амбасада или конзулат кој не ни е приоритет. Точно е нашата мрежа не е огромна, имам средна, веројатно и соодветна дипломатска мрежа на ДКП, но не смееме да оставаме ниедно ДКП празно бидејќи статусот на ДКП-то кога има амбасадор или генерален конзул е помоќен отколку ако има само вршител на должност. Секако би издвоил дека ние се уште немаме амбасадор во Париз, Франција е значајна земја. Како што знаете, испразнета ни е постојаната мисија со враќањето на амбасадорот Фрчкоски, испразнета ни е и позицијата во ОН, но ќе повторам нема земја која што не ни е значајна.

ПредходнаДенот на европското културно наследство ќе се одбележи во Музејот на Народната банка
СледнаИлјади поети за промена 14. пат во Струмица