Израел има право да го нападне Хезболах во Либан дури и во цивилни згради, но тоа мора да го направи на начин што ќе ги заштити цивилите, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Запрашан на редовниот брифинг со новинарите за израелскиот напад врз општинската зграда во јужниот либански град Набатиех, во кој загинаа 16 лица, вклучувајќи го и градоначалникот, Милер рече дека не може да коментира за поединечни напади, но нагласи дека САД „не сакаат да се уништуваат цивилни згради“.
„Сфаќаме дека Хезболах понекогаш дејствува под и во домови на цивили. Видовме снимки од ракети и друго оружје складирани во цивилни домови кои се појавија во последните две недели. Израел има право да ги нападне овие легитимни цели, но тоа мора да го прави на начин што ја штити цивилната инфраструктура, ги штити цивилите“, рече тој.
„Вашингтон поддржува ограничени израелски упади за напад и ослабување на Хезболах, но се противи на широка кампања за бомбардирање на Бејрут и напади кои не избегнуваат да им наштетат на цивилите“, објасни Милер.
Либанските власти го критикуваа вчерашниот напад, во кој беа повредени повеќе од 50 луѓе, велејќи дека тоа е доказ дека Израел сега ја напаѓа либанската држава.
Либанскиот премиер Наџиб Микати изјави дека биле нападнати цивили кои се состанале да ја координираат помошта за граѓаните. Милер одговори дека доколку Израел навистина намерно таргетирал таков состанок, тоа би било „неприфатливо“, но истакна и дека треба да се утврдат околностите на инцидентот.