Со новонајавените 500 милиони евра долг од Унгарија, може да очекуваме јавниот долг да се приближи на 70 отсто од брутодомашниот и тоа е патека која води во економска пропаст, изјави на денешната пресконференција Фатмир Битиќи, пратеник од редовите на СДСМ.
Битиќи предупреди за поразителни податоци на економската состојба во државата, истакнувајќи дека најновиот извештај на Светска Банка за Македонија укажал на тоа дека состојбата со економијата е алармантна.
„Во извештајот јасно се забележува дека главната причина за овој пад е “топло-ладниот” однос према реализирањето на клучните инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10Д, кои требаше да донесат економски бенефит, но ВМРО-ДПМНЕ ги држи на хартија. Наместо да се движиме напред, владата дозволи овие проекти да останат закочени, а тоа има катастрофални последици за БДП„, рече Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање за изјавата на Битиќи пак, рече дека од доаѓањето на оваа Влада економијата е консолидирана.
„Единственото нешто што е катастрофално во Македонија е состојбата којашто СДСМ ја остави после седум години разбојничко управување со државните ресурси. Она што го прави оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е сето тоа да го консолидира. Јас сум прилично задоволен што слободното паѓање го сопревме и добро е што откако е оваа влад пак сите индикатори се позитивни„, рече премиер Христијан Мицкоски.
Извештајот на светската банка пак покажува дека кон крајот на годинава земјава ќе има економски раст од 1,8 проценти, а истиот ќе се искачи на 3 отсто во 2026 година. Според овој извештај, Македонија се очекува да има најмал економски раст на крајот од 2024 година во споредба со другите земји од регионот