Aмериканското издаваштво Кнопф денеска ја промовираше автобиографијата на Алексеј Навални, руски опозициски лидер кој на почетокот на оваа година почина во затвор во Русија.
Издаваштвото претходно соопшти дека книгата насловена „Патриот“ ќе биде објавена на 26 јазици, вклучувајќи го и рускиот.
Според неговата сопруга, вдовицата Јулија Навалнаја, политичарот почнал да ги пишува мемоарите по обидот за неговото труење во 2020 година. Дел од мемоарите бил напишан по неговото враќање во Русија, кога бил во затвор.
Алексеј Навални почина на 16 февруари 2024 година на возраст од 47 години, во затворската колонијата „Поларен волк“ во градот Харп, во Јамало-ненецкиот автономен округ. Според Амнести Интернешнел ова е еден од најсуровите затвори во светот.
Во книгата, Навални објаснува во детаљи зошто во 2021 година одлучил да се врати во Русија, откако агенти на Путин се обидоа да го убијат со нервно-паралитичката супстанција „Новичок“ при што речиси успеале во тоа.
По труењето, Навални беше префрлен во Германија каде помина итна медицинска помош и неколкумесечно лечење, но веднаш штом се врати на руска територија, беше уапсен.