– По завршувањето на денешниот Самит на Европската политичка заедница, доцна попладнево во Будимпешта ќе започне неформална средба на лидерите на ЕУ на која главна тема ќе биде дебатата за нов договор за конкурентност на Унијата.
Самитот ќе започне со работна вечера на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, кои при тоа ќе разговараат и за трансатлантските односи, најновите случувања во Грузија, како и за неодамна усвоената израелска легислатива во врска со Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).
На вечерата во делот на расправата за трансатлантските односи, лидерите на ЕУ ќе одржат стратешка дебата за односите на Унијата со САД, со фокус на билатералните односи, на безбедноста и геополитика, вклучително и во врска со Украина, како и на глобалните предизвици и меѓународната соработка, меѓу другото и за климатските промени.
Во поканата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел до лидерите на ЕУ за учество на Самитот се наведува дека односите со САД се од суштинска важност за Унијата и затоа таа е подготвена за нивно продлабочување.
– Мораме да продолжиме да ги исполнуваме нашите приоритети во согласност со Стратешката агенда, работејќи активно кон одржување на силна и суверена Европа, наведува Мишел.
Во однос на надворешната политика ќе стане збор и за ситуацијата во Грузија и нејзините европски перспективи, во светло на парламентарните избори одржани на 26 октомври, како и за израелскиот закон за УНРВА, чие спроведување би и оневозможило на УНРВА да го извршува својот мандат и за неговите последици врз односите ЕУ-Израел.
На самитите во јуни и октомври годинава, лидерите на ЕУ изјавија дека тековниот развој на настани во Грузија, вклучително и усвојувањето на законот за транспарентност на странското влијание во мај, е во спротивност со основните вредности и принципи на Унијата и го загрозува пристапувањето на земјата кон блокот.
На утрешното продолжение на неформалниот Самитот, лидерите на ЕУ ќе разговараат за нов договор на конкурентноста, кој во услови на нова геополитичка реалност треба да и помогне на Унијата да ја зајакне својата долгорочна конкурентност и економски просперитет со цел таа да се прилагоди на предизвиците во иднина и да стане поавтономна, согласно одредбите од Стратешката агенда за периодот 2024-2029 година.
Во тој контекст основа за дебатата ќе бидат извештаите на двајцата поранешни италијански премиери Енрико Лета и Марио Драги, „Многу повеќе од пазар“, односно „Иднината на европската конкурентност“.
Оваа расправа се очекува да биде можност за размена на мислења за поттикнување на иновациите и продуктивноста, за мерките за зајакнување на единствениот пазар на краток и среден рок, за заштедите и инвестициите, индустриската обнова и декарбонизацијата, подготвеноста за одбрана, напорите за обезбедување поциркуларна економија, за истражувањето и за остварувањето енергетски суверенитет и климатска неутралност.
Како што наведува Мишел во поканата во услови кога во текот на изминатите 20 години, уделот на ЕУ во светскиот БДП е преполовен, потребно е да се дејствува.
– Ситуацијата е многу загрижувачка. Ние сме во единаесеттиот час. Извештаите на Драги и Лета се повик за будење што мора да бидеме подготвени да го прифатиме. Во прашање е конкурентниот опстанок на Унијата, наведува Мишел.
Според него, на дебатата на која ќе присуствуваат и Драги и претседателката на Европската централна банка. Кристин Лагард, ќе стане збор за конкретни стратегии за промена на сегашната траекторија на ЕУ, со цел да им се овозможи на европските компании да напредуваат и кои ќе промовираат иновации, ќе го зајакнат единствен пазар и ќе поддржуваат одржлив раст.
– Би сакал да имаме вистинска политичка размена на мислења за тоа како да ги финансираме нашите амбиции и кои инструменти ги имаме на располагање. Уверен сум дека со искористување на нашата колективна сила можеме да постигнеме значителен напредок што ќе ги постави темелите за месеците што следат. Убеден сум дека нашата сила лежи во нашето единство. Уверен сум дека заедно можеме да постигнеме големи работи. Ова бара доверба и почит меѓу 27-те (членки), заклучува Мишел во поканата, во која воедно им изразува благодарност до лидерите на ЕУ за довербата кон него во изминативе пет години, колку што раководи со Советот на ЕУ, во пресрет на истекот на неговиот мандат на 1 декември.
Неформалните собири на ЕУ се заседанија на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења и ставови за одредени прашања.