дома Политика Куновска вели дека Филипче џабе се сили

Куновска вели дека Филипче џабе се сили

10

Евентуални парламентарни избори заедно со локалните ќе го докрајчат и тоа малку што е останато од СДСМ, изјави поранешната советничка на СДСМ, Софија Куновска, за Локално.

Софија Куновска, поранешна советничка на СДСМ во Советот на Град Скопје и поранешна пратеничка, вели дека СДСМ е во сериозни проблеми.

Таа во разговор за Локално вели дека СДСМ нема комплетирано раководство со месеци, анкетите укажуваат на уште послаб рејтинг од последните избори, идентитетски партијата е разобличена.

– Евентуални парламентарни избори заедно со локалните ќе го докрајчат и тоа малку што е останато од СДСМ. Затоа, наводната подготвеност на Венко Филипче за предвремени парламентарни избори е лажно силење од немајкаде и е дел од опозицискиот фолклор кој е наменет за јакнење на перцепцијата дека СДСМ се консолидира, што всушност нема допирна точка со реалноста – тврди Куновска.

 Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, како што рече таа, иако има старт далеку под очекувањата на јавноста, нема од кого да биде загрозена.

– Се чувствуваат комотно со мнозинство кое постојано има тенденција да се зголемува заради политичкиот нокдаун во кој се наоѓаат коалициите на ДУИ и СДСМ и делумно заради клиентелизмот во политиката. Христијан Мицкоски нема никаков интерес да оди на предвремени заедно со локалните избори, бидејќи таков потег само ќе го поистовети со природата на Груевски и ќе му штети на рејтингот кај меѓународниот фактор – наведува поранешната пратеничка.

Оттука, нејзините проценки се поблиски до тоа дека предвремени парламентарни избори се можни една година по локалните избори, доколку се остварат проекциите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари голема победа.

ПредходнаПадот на Берлинскиот ѕид
СледнаОколу две илјади бездомни кучиња во Вардарски регион, наскоро стартува хуманото прифатилиште