дома Граѓански Косово: Животот и смртта на жената во рацете на мажот

Косово: Животот и смртта на жената во рацете на мажот

3

Убиства на две жени во рок од пет дена предизвикаа ужас на Косово, но не и изненадување. Експерти велат дека во патријархатот жените се оставени на милост и немилост на мажот, а системот им гледа низ прсти на насилниците

Ерина Ц. од Урошевац имаше едвај 21 година кога беше убиена од страна на нејзиниот поранешен сопруг. Тој се сретнал со неа за да ѝ го врати заедничкото дете. По предавањето одеднаш извадил пиштол, ја застрелал и го повредил и нејзиниот брат што ја придружувал.

Ѓуљета У. од Пеќ, мајка на три деца, имаше само 42 години. Според официјалните податоци, нејзиниот убиец се предал на полицијата со зборовите: „Ја убив жена ми“. Двете жени се убиени во Косово минатиот месец, во рок од само пет дена. Нивната смрт предизвика ужас во земјата. Претседателката Вјоса Османи прогласи еднодневна жалост во спомен на жените кои во Косово биле жртви на родово насилство.

Иако многу Косовци беа ужасени, изненадени сигурно биле мал број од нив. Веќе долго активисти и организации за човекови права ги критикуваат структурните недостатоци кои доведуваат до тоа жените во Косово постојано да бидат жртви на насилство. Што треба да се преземе за конечно нешто да се промени?

Мали казни за сторителите

На хартија во минатото многу нешта се сменија на подобро. Од 2019 во Косово семејното насилство е казниво дело. Судовите може да ги казнат сторителите со парична казна од 100 до 25 илјади евра и со затворска казна до три години. Но, до денес пресудите се благи.

Случајот со Ѓуљета У. е пример за тоа. Нејзиниот подоцнежен убиец на полицијата ѝ бил познат за семејно насилство – во 2022 година веќе бил казнет со три месеци затвор и парична казна во висина од 100 евра. Со плаќање на 300 евра успеал да се спаси од затворската казна.

Министерката за правда Албулена Хаџиу по делото на Фејсбук напиша: „Сторителите стануваат често убијци затоа што од надлежните институции не се казнувани адекватно.“ Таа свика кризна средба со министерот за внатрешни работи, шефот на полицијата, главниот обвинител и други функционери. Активисти критикуваат дека такви краткорочни акции не менуваат ништо во распространетата клима на неказнивост за семејно насилство, што продолжила и со актуелната власт. „Ни треба посилен правосуден систем, побрзи постапки и почесто највисоки казни за сторителите”, вели социологот Букурије Рустеми.

Полицијата не го сфаќа сериозно семејното насилство

Според официјални статистики на полицијата, во 2023 година во Косово, кое има 1,8 милиони жители, биле убиени 4 жени, а 2120 биле злоставени. Мошне веројатно е дека темната цифра е многу повисока. Многу жени немаат храброст да ги пријават сторителите, меѓу другото и затоа што стравуваат дека полицијата и правосудните органи не ги сфаќаат сериозно.

Во анкета на Амнести интернешнл, во август 2023-тата, жртви на семејно насилство раскажуваат дека полицијата им рекла оти насилното однесување на партнерите е сосема нормално. Заплашувања, закани и физичко насилство најчесто не се ни третираат, а полицијата се вклучува дури кога има очигледни индиции за телесно насилство, како модринки.

Најчесто на жртвите им се припишува делумна вина за ситуацијата, често со тешки последици, посочува психологот Калтрина Ајети, која вели: „Жртвите често мислат оти самите придонесле за таквата ситуација, односно дека го навеле сторителот на насилство кое трае и со тоа го присилиле на распад на семејството.“

Таквиот начин на размислување не е распростаранет само кај полицијата, туку и во косовското општество.

Живот вез насилство? Бесценето

Косовското општество и неговите структури длабоко вкоренета во патријархат, е веројатно една од главните причини за фемицид. „Улогата на жената во Косово е на домаќинка и негувателка на децата, сопругот и старите лица во семејството”, вели социологот Букурије Рустеми. Машката доминација во големи делови на општеството за многу жени до денес едвај може да се надмине. „Недостига образование, работа и економска независност”, вели Рустеми.

Зана Аслани, шефица на Женската куќа во Приштина, потврдува дека многу жени кои имаат храброст да го напуштат насилниот сопруг, подоцна од чисто економски причини му се враќаат. Тие не може да си дозволат независен живот бидејќи често немаат свои примања. Во 2021 година, околу 50 проценти на косовските мажи биле формално вработени. Од жените биле само 17 проценти.

 Тие одвај имаат можности да си изградат финансиски независен живот. Сопственоста е претежно во раце на мажите. Жените се исклучени дури и од наследство. Според законот, браќата и сестрите имаат исти права, но во пракса преовладува традицијата и само наследуваат само мажите. Жените се мажат и влегуваат во семејството на сопругот и ја напуштаат фамилијата на потекло, а со тоа го губат и правото на збор и наследство.

Традицијата често не дозволува враќање кај родителите, дури и по претрпено насилство. Кога жените се мажат и одат во семејството на својот партнер, тие практично стануваат сопственост на мажот. Жени кои им се враќаат на партнерите откако во родителскиот дом одбиле да ги примат назад, честопати страдаат од посттрауматски нарушувања и депресии, вели Ајети. Сторителите, од друга страна, во такви случаи најчесто се чувствуваат уште посилни. „Сторителот тогаш е свесен дека неговата партнерка нема избор и друг излез”, објаснува таа.

 Балкански феномен?

Таквата ситуација не е присутна само во Косово, вели Рустеми. „На Балканот има насекаде случаи на убиства на жени, патријахалните општества на Балканот насекаде се слични, може да зборуваме за балкански менталитет”, вели таа.

Ситуацијата ја влошува сеприсустното искуство на насилство за време на балканските војни и понекогаш тешката социоекономска ситуација. Дополнително има и други предизвикувачи на насилни ексцеси, кои се застапени и во други земји.

Социолозите наведуваат психички проблеми како психози, депресии и нетретирани психички проблеми кај сторителите, дрога, алкохол и социјални причини. „Насилство на телевизија и на социјалните мрежи, особено ширењето омраза кај младите луѓе придонесува за понизок праг на толеранција”, вели Букурије Рустеми.

Сепак, најтежок и најдолготраен е патријахалниот аспект, нагласува таа. Секој обид на жената да смени нешто на ситуацијата, е блокиран од страна на мажите.

ДВ

ПредходнаФетаи: Владата ќе се заложи за ефикасна конфискација на нелегалниот имот
СледнаШто е силување – ЕУ уште нема единствена дефиниција