дома Економија Трендафилов: Во Буџетот прв пат по подолго време се предвидени средства за...

Трендафилов: Во Буџетот прв пат по подолго време се предвидени средства за раст на платите, очекувам да бидат прифатени нашите барања

5

   Во Буџетот можеби прв пат по подолго време се предвидени средства за раст на платите за повеќе од десет отсто, рече денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов пред седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС).

Како што изјави Трендафилов, согласно буџетските проекции кои ССМ можел да ги види, Владата предвидува средства согласно колективните договори и законите за зголемување на платите.

Нарушениот животен стандард со постојаниот раст на синдикалната минимална кошничка која од почетокот на годината до денеска се зголеми за повеќе од 4 800 денари, треба да биде доволен мотив за покачување на минималната плата, оцени Трендафилов.

Тој очекува на седницата да бидат прифатени барања на ССМ од останатите социјални партнери.

– Буџетот беше доставен пред синдикатите за разгледување и денеска ќе ги добиеме веројатно точните информации од премиерот и од Министерството за финансии. Од тоа што можевме да го видиме од верзијата што ни беше достапна, во Буџетот можеби прв пат по подолго време се предвидени средства за раст на платите за повеќе од десет отсто. Но, ќе чекаме официјално да ни биде пренесено денеска на седницата на ЕСС. Средствата за раст на платите се некаде 13,8 или 13,9 проценти во Буџетот во сооднос со претходната година. Тоа ни дава до знаење дека Владата предвидува средства согласно колективните договори и законите за зголемување на платите. Мислиме дека ако се зголемат платите во јавниот сектор, Владата нема да има апсолутно никакви оптоварувања со евентуалниот раст на минималната плата, имајќи предвид дека сите вработени во јавниот сектор ќе бидат над износот на минималната плата, истакна Трендафилов.

Сите чинители во државата, напомена, се согласни дека е потребен раст на платите.

– Минималната плата не само 450 евра, туку и повеќе, е барање на работниците изнесено преку ССМ. Се надеваме дека нашите аргументи, особено поради нарушениот животен стандард со постојаниот раст на синдикалната минимална кошничка која од почетокот на годината до денеска е порасната за повеќе од 4 800 денари, треба да бидат доволен мотив за покачување на минималната плата. Ветер во грб на работниците дава и растот на платите во регионот. Минималната плата во Црна Гора е порасната меѓу 600 и 800 евра, во Бих ќе бидат 600 евра од почетокот на наредната година, во Србија ќе бидат 454 евра. Сметаме дека не треба да дозволиме со висината на платите повторно да бидеме некаде на крајот на опашката на Балканот за да не ни се иселуваат оние работници кои останаа во Македонија, рече претседателот на ССМ.

Тој потсети дека од првата седница на ЕСС до денеска се одржувале редовни состаноци со претставниците на Владата и работодавачите за барањата од 1 мај – зголемувањето на платите и растот на минималната плата. На денешната седница на ЕСС, потенцира, тоа ќе бидат дел од темите.

– Тогаш побаравме минималната плата да биде 450 евра и зголемување на платите во јавниот сектор од март 2025 година, односно методологијата утврдена во Општиот колективен договор ќе биде тема на дискусија. Ќе имаме можност да го погледнеме и Буџетот. Ќе ги изложиме нашите аргументи кои сметаме дека се на страна на работниците и дека ќе бидат прифатени од останатите социјални партнери, дополни Трендафилов.

Во Владата денеска се одржува втората седница на Економско социјалниот совет на која се очекува да се разговара за зголемувањето на минималната плата. По седницата, која треба да почне напладне, најавена е прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски.

Првата седница на ЕСС се одржа на 10 октомври кога министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и претседателката на Организацијата на работодавачите на Македонија Владанка Трајкоска, како претставници на социјалните партнери, ја потпишаа Спогодбата за конституирање на новиот состав на ЕСС. Според Спогодбата, министерот за економија и труд е претседател на ЕСС, а останати членови именувани од Владата се министерот за социјална работа, демографија и млади, министерката за финансии и министерката за образование и наука.

ПредходнаТрајанов за МИА: Државата моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам
СледнаПортокалово предупредување во Франција поради бурата Дара, во прекин железничкиот сообраќај