дома Економија Колумбиа за МИА: Законските измени сами по себе нема да го зголемат...

Колумбиа за МИА: Законските измени сами по себе нема да го зголемат пријавувањето на родово базираното насилство, потребно е да се пронајде суштината на проблемот

5
Колумбиа за МИА: Законските измени сами по себе нема да го зголемат пријавувањето на родово базираното насилство, потребно е да се пронајде суштината на проблемот

  Досегашните и идни законски измени нема да го зголемат нивото на пријавување на родово базираното насилство, бидејќи тоа не е доволно, проблематиката е комплексна, а пред се потребно е да се работи со сторителите, за да се разбере нивното однесување, да одговараат за нивните постапки, всушност да посегнеме по основните причини за насилството, вели во интервју за МИА постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбиа.

Таа ова го одговори на прашањето да даде коментар за неодамнешните предлози за измена во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство со кој ќе се доуреди привремената мерка забрана за приближување на сторителите до жртвите и воведување на електронска нараквица, која ќе ја предупреди жртвата дека сторителот е на оддалеченост помала од сто метри, но и предлогот за измена на Кривичниот законик со кои и телесната повреда при семејно насилство би се гонела по службена должност, а не како досега по предлог и дали тие би го зголемиле ниското ниво на пријавување, кое според податоците на невладините организации кај нас изнесува само два отсто.

-Ова нема да биде доволно да ги охрабри жртвите или потенцијалните жртви на родово базирано насилство да пријават случаи на насилство или злоставување. Но, исто така родовото базирано насилство има различни форми, тоа не е само физичко насилство, тоа е и психолошко, економско, емоционално, сексуално, постојат различни видови на насилство и злоставување. Во моментот гледаме дека жените и девојките се жртви на насилство и злоставување почесто од мажите и момчињата, но родово базирано насилство значи насилство врз кој било род. Исто така треба да работиме со сторителите и има одредени програми што веќе постојат во Европа, во државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја Северна Македонија, кои се главно организирани од невладини организации, но можеби треба да бидат институционализирани од системот, министерствата, за да се разбере однесувањето на сторителите, да се работи со нив, да одговараат за нивните постапки, и да им се укаже што се случува и зошто се однесуваат така. Всушност, да посегнеме по основните причини за насилството и да се обидеме не само да одговараме на случаите на насилство, туку и да ги спречиме. Апсолутно таквите мерки би функционирале во одредени случаи, но тоа нема да ги спречи сторителите да го повторат делото врз истата личност и нема да ги охрабри мнозинството жени да пријават случаи на насилство зашто можеби сè уште не се чувствуваат безбедно, вели Колумбиа.

Постојаната претставничка на ОН, која од септември е на оваа позиција има дваесет годишно искуство во меѓународните институции, хуманитарната работа и менаџментот. Претходно таа беше претставник на Фондот за население на ОН (УНФПА) во Ирак, како и претставник на УНФПА во Молдавија, директор на земјата за Албанија и како дел од менаџерскиот тим на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Интервјуто го правевме во екот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која е во организација на Обединетите нации, Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, УСАИД и многу други домашни и меѓународни партнери. Кампањата почна со дискусија за темата и отворање уметничка изложба „Лузни на издржливоста, гласови на надежта“ на Мартина Спасовска и прикажување на кратки документарни видеа.

Колумбиа нагласува дека на глобално ниво кампањата е од огромно значење, бидејќи тоа се денови кога ги потсетуваат носителите на одлуки, заедниците и поединците – дека родово базираното насилство е неприфатливо и дека сите имаме одговорност да спречиме вакви случаи.

-Оваа година, кампањата повторно е насочена кон целото население, особено на фемицидите, со цел да се намали бројот на жени и девојки кои биле жртви на родово базирано насилство, особено во случаи каде што завршува со убиства. Кампањата е значајна и за Северна Македонија. Таа се однесува на превенција од родово базирано насилство и соодветна реакција на вакви случаи, на сите нивоа – од владата и граѓанските организации, до заедниците, семејствата и поединците, нагласува Колумбиа.

На прашањето да даде оценка за предностите, но и слабостите на нашиот систем во справување со родово базираното насилство, таа вели дека е импресионирана од напредокот на земјава во однос на законодавството и политиките и од посветеноста на владата во оваа област.

-На пример, во 2021 година беше донесен Закон за спречување на насилство врз жените и семејно насилство, Истанбулската конвенција беше ратификувана во 2018 година, а во 2023 година во Кривичниот законик беа додадени одредби за родово базирано насилство. Дополнително, земјата повторно ги потврди своите обврски според Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и Пекиншката декларација и платформа за акција. Значи, многу работи се случуваат во моментов на ниво на законодавство и политики во земјата, што е навистина импресивно. Сепак, секогаш има и позитивни и негативни страни. Не сакам да зборувам за негативните, но дефинитивно има простор за подобрување во Северна Македонија, особено во спроведувањето на овие политики и закони, обезбедувањето на безбедноста и сигурноста на жените и девојките и промена на однесувањето на индивидуално ниво, што веројатно е најтешкиот дел, нагласува таа.

Според податоците на ОН во светот на секои 10 минути се случува убиство на жена од страна на партнер или член на семејство. Фемицидот кај нас е веќе инкорпориран во Кривичен законик, а изминатите пет-шест години има околу 20 случаи на фемицид. Во врска со тоа дали законското препознавање ќе доведе и до намалување таа вели дека покрај законските измени, потребно е да се преземат чекори за да се промени перцепцијата за родово базираното насилство во заедниците и за да се охрабрат самите жени да пријавуваат случаи на родово базирано насилство, бидејќи тоа често не се случува.

-Не се случува поради културните норми, притисокот во општеството, понекогаш постојат и лични вредности во семејството кои ги спречуваат жените или девојките или други жртви на злоставување или насилство во семејството да ги пријават тие случаи. Затоа кога зборуваме за статистиката поврзана со родово базирано насилство, секогаш се прашувам дали сите случаи се пријавуваат. Врз основа на моето искуство во други држави би рекла всушност не, непријавувањето на случаи на родово базирано насилство е многу, многу повисоко. Она што го гледаме во статистиката е само врвот на „ледениот брег“, кој постои во општеството. Би сакала да додадам и дека законодавството треба да има мултисекторска поддршка, не е само едно министерство или сектор одговорен да спречи родово базирано насилство, тоа е одговорност на сите сектори во владата, но исто и на сите сектори во општеството, додава таа.

За создавање еднакви можности меѓу мажите и жените нагласува дека тоа е комплексно прашање, но постојат мерки кои може да се преземат да подобрување состојбите, меѓу кои ја спомена „економијата на грижа“.

-Ова е комплексно прашање и засега повеќе аспекти од нашиот живот, почнувајќи од економски можности за жените. Министерството за економија и труд и Министерството за социјална политика, демографија и млади во моментов работат на таканаречената „економија на грижа“. Овој вид на економија значи дека оние луѓе кои се трудово ангажирани преку грижа за луѓе со хендикеп, бебиња и деца или постари лица, а во повеќето случаи тоа се жени кои ја извршуваат оваа работа, овие луѓе треба да бидат препознаени и да бидат наградени за нивната работа. Бидејќи во најголем дел оваа работа на грижа се работи бесплатно, со оглед на тоа дека жената се грижи за децата, за родителите или некои кои имаат потреба од тоа, а покрај тоа се извршуваат и дополнителни обврски во рамките на семејството, но овој вид на работа не е препознаена како работа и не се плаќа како работа. Една од работите што треба да ги разгледа земјата е оваа „економија на грижа“, мерките што треба да се преземат за да се признае овој тип на работа, нагласува таа.

Како примери на држави, кои ја применуваат оваа „економија на грижа“ ги спомена Франција, Шведска, Канада и додаде дека и самите држави имаат придобивки од оваа економија.

Дополнува и дека е потребно да се овозможи работно опкружување што го поддржува семејството, односно дека жената нема да ги исполнува само нејзините мајчински обврски, туку ќе може и да го реализира својот потенцијал како личност која придонесува кон економскиот развој на земјата и да ги исполни целите во својата кариера.

-Затоа, јавниот и приватниот сектор треба да овозможат пријателски простор, флексибилни работни часови за жените, но исто така и за мажите кои се грижат за своите деца. Зборуваме за породилно отсуство на жените, но треба да се зборува и за породилно отсуство на мажите, кои би можеле да го искористат кога ќе им се роди дете за кое треба да се грижат, вели таа.

Со Колумбиа говоревме и за негативниот прираст, кај нас, кој според последните податоци на Државниот завод за статистика изнесува минус 1,9. Таа нагласува дека ова е случај во повеќе држави и тоа пред се во развиението, а не во земјите во развој. Вели има повеќе начини да се зголеми стапката на наталитет. Прво треба да се проценат трошоците и очекувањата.

-На пример, некои земји како Русија, веќе многу години имаат мајчински капитал. Имаат голема поддршка. Во Јужна Кореја, исто така. Но, дали така се зголемува стапката на наталитет? Донекаде, на краток рок, но потоа не, оти луѓето или веќе не се доволно стимулирани од финансиската поддршка или таа веќе не е доволна за растење деца. Како што се развиваме, растат и животните трошоци. Па финансискиот стимул никогаш нема да се совпадне со очекувањата на паровите, на семејствата. Стапката на наталитет е сложено прашање за кое сепак најстручни се демографите, додаде таа.

Колумбиа напоменува дека од аспект на човекови права секој пар и поединец има право да одлучува колку деца сака да има, а од аспект на политики потребни се добри семејни политики, како флексибилно работно време и згрижување на децата уште од најмала возраст, поддршка на младите семејства, поддршка за домување.

Таа се осврна и на неодамнешниот предлог на Фискалниот совет за заминување во пензија на 67 години, нагласувајќи дека прашањето за старосната граница за заминување во пензија треба сеопфатно да се разгледа. На лицата над 60 години дефинитивно треба да им се даде можност да бидат активни и да работат, но доколку се здрави и доколку така одлучат, а не задолжително.

– Ова е малку поинаква ситуација од стапката на наталитет, но, точно, тие се поврзани. Позитивната стапка на наталитет во иднина ќе го зголеми бројот на работна сила, на работниците, бидејќи зголемувањето на населението е зголемување на бројот на млади луѓе, зголемување на бројот на луѓе кои ќе придонесат за пазарот на трудот и за економијата. Во моментов, Северна Македонија се соочува со втора дивиденда, тоа се нарекува втора демографска дивиденда, луѓето живеат подолг живот и можат подолго да придонесуваат за пазарот на трудот, за економскиот развој на земјата, вели таа.

Нагласува дека таа не знае дали предлогот за пензионирање на 67 години ќе функционира добро, но додава дека инвестирање во луѓето постари од 60 години дефинитивно ќе донесе економска дивиденда.

-Најважно е тоа да биде незадолжително. Затоа што во моментов не сум ни сигурна дали луѓето на 67 години во Северна Македонија денес се и здравствено способни да продолжат да работат на ист начин како што работеле претходно. Затоа велам дека ова прашање треба сеопфатно да се разгледа и дефинитивно да се даде можност на лицата на возраст над 60 години да бидат активни, да бидат здрави и да можат да работат, ако така одлучат, нагласува Колумбиа во интервјуто за МИА.

Во продолжение целото видео интервју со  постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбиа.

ПредходнаВо јануари почнува имплементирањето на унгарскиот заем за компаниите
СледнаБројни предизвици за родителите на деца со аутистичен спектар, потребни национален регистар и стратегија