Американската дизајнерка и модна икона Ајрис Апфел почина на 102-годишна возраст.
Самопрогласената „геријатриска старлета“ беше позната по нејзината кусо ишишана бела коса, преголеми очила, впечатлив кармин и бисери кои ги комбинираше со секаков накит, пренесува Би-би-си.
Апфел го достигна врвот на својата слава во 1980-тите и 90-тите, но таа е познато лице на модните ревии во Париз повеќе од половина век.
Таа исто така има работено со мноштво познати имиња, вклучувајќи ги Грета Гарбо и Есте Лаудер.
На 28 август, минатата година таа го прослави својот 102 роденден.
До последниот ден од животот, таа продолжуваше да воодушевува со својот оптимизам, љубовта кон животот и смислата за хумор.
Американската колекционерка и дизајнерка Ајрис Апфел не остана позната само по колекцијата на екстравагантни очила, љубовта кон блескавиот, шарен и голем накит, туку и по оригиналниот стил. Таа е една од најстарите модни инфлуенсери во светот.
Модел, госпоѓа со стил, таа ги спои своите спомени, погледи и филозофија во нејзината книга „Случајна икона“ – рефлексии на ѕвезда од третата доба, во која раскажува, со многу ентузијазам, вкус и имагинација, од случките од детството со нејзината баба, до бегството во Чикаго поради музиката на Дјук Елингтон, од љубовта за Италија, меѓу Неапол и Сиена, до работата како дизајнер на ентериер во Белата куќа.
„Возраста? Тоа е детаљ, се чувствувам како да има 5 и пол години, бидејќи сè уште гледам на светот како да го откривам за прв пат“, велеше тогаш стогодишната жена.
Од едни, таа е дефинирана како икона на стилот која ги урива стандарите на облекување и поставува нови предизвици за модниот свет и креаторите, а за други, таа е иронично дефинирана како геријатриска старлета. Во секој случај, нејзиниот животен век беше шарен, живееше во име на еклектичен и неспоредлив стил, со мотото „повеќе е повеќе, а помалку е здодевно“ (More is more, and less is bore).
Таа создаде смела, мултикултурна и слоевита естетика, мешајќи случајно одбрани модни парчиња со ниска цена со луксузни. Во одреден период од животот, таа внесе многу стил во Белата куќа, опремувајќи ја со искучителни парчиња мебел, а интересно е што и денес се уште секој ден оди во модните продавници и неизбежно – на пазар!
Г -ѓа Апфел е родена во 1921 година во Асторија, Квинс, Њујорк. Нејзиниот татко, Самуел Барел, увезувал играчки, музички инструменти и антиквитети од Германија. Нејзината мајка, Садија, имала моден бутик.
„Тоа беше за време на економската депресија и немаше многу пари. Мислам дека понекогаш е добро да немаш премногу, затоа што учиш да правиш сè со помалку – вели таа – Фактот дека знам да комбинирам скапоцена облека и додатоци со други парчиња кои се ефтино купени, се должи токму на овој период од животот. Отсекогаш сум сакал да одам на тезги, да се „ценкам“ кога пазарам, а потоа да ги комбинирам тие парчиња од еден денар со луксузни парчиња“.
Апфел веќе се најде на насловните страници кога, во 40 -те години, како студентка на уметничкото училиште во Висконсин, од една продавница каде се продавала облека за ловци и дрвосечачи, го купила првиот пар фармерки. „Тој ми рече дека тие не се за млада дама, а јас се враќав таму со недели, и на крајот победив. Кога сакам нешто, јас сум како куче со коска во устата“, објаснува Апфел. Самите фармерки беа силна порака за еманципација на жената во тие тешки времиња, а ги носела со турбан и огромни кружни обетки. По завршувањето на универзитетот, сакала да стане модна уредничка, и привремено тоа и работела, а набрзо се свртила кон дизајнот, следејќи го патот на татко ѝ.
Она што го промени нејзиниот живот во 1947 година, за време на одморот на езерото Џорџ, била средбата со еден трговецот на ткаенини, Карл Апфел. Се венчале следната година и заедно во 1950. основале фирма за ткаенини, но специјализирана за репродукција на стари материјали. Се продавале како антиквитети, а во своите вили ги покажувале Грета Гарбо, Есте Лаудер, Монтгомери Клифт… Од 1950 до 1992 година, Ајрис била дизајнерка на ентериер во Белата куќа, за време на мандатите на 9 претседатели, од Хари Труман до Бил Клинтон.
Позната во Соединетите држави по своите украси во домот, како и по нејзиниот изглед, таа била прогласена за меѓународна модна икона во 2005 година со изложбата во Метрополитен музејот во Њујорк насловена „Непочитуваната Ајрис Апфел“. Тогашниот директор на Институтот за костими „Мет“, Харолд Кода, предложил да изложи избор од нејзината гардероба, вклучувајќи фустани и накит, и тоа било триумф.
„Да се има стил значи да ја искажете својата личност. Но, луѓето денес се толку слични, мислам дека тоа е страшно. Бог ги направил сите толку различни, и не можам да замислам зошто сите преку модата сакаат да личат еден на друг. Мислам дека многу малку е доволно за да го промените целиот изглед, расположение и личност, еден додаток, како на пример, очила“, коментираше таа потсетувајќи се на минатото од својот живот.