дома Политика Обвинителството предложи мерки за обезбедување на двајца осомничени за проневера во Државна...

Обвинителството предложи мерки за обезбедување на двајца осомничени за проневера во Државна лотарија

6
Обвинителството предложи мерки за обезбедување на двајца осомничени за проневера во Државна лотарија

  Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за поранешен генерален директор на Државна лотарија и поранешен вицепремиер, двајцата осомничени во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, со цел, како што соопшти вечерва Обвиителството, притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „проневера во службата“, а за уште четири лица е поведена постапка за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Како што информираЈавното обвинителство, постапувајќи по поднесени кривични пријави од МВР и од Управата за финансиска полиција, биле преземени повеќе дејствија. Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг, која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.

– Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на „Државна лотарија“ на 9 мај 2023 година електронски до Владата во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери, се вели во соопштението.

Предлогот, како што се наведува, бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД „Државна лотарија“ согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија  – „Касинос Аустрија“ ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што „Државната лотарија“ се стекнала со удел од 51 отсто во основната главнина на друштвото формирано со „Касинос Аустрија“.

Второосомничениот, како што се наведува, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.

– На седницата била усвоена информацијата и „Државната лотарија” била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба, се вели во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.

Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови. По спроведените постапки изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на Договори за заедничко вложување, иако наведените понудувачи не ги исполнувале законските услови односно не биле приредувачи на игри на среќа. За четворицата осомничени од комисијата во „Државната лотарија“, надлежниот јавен обвинител до Судот, како што се наведува, ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево на прес-конференција соопшти дека поранешен премиер и прв вицепремиер се дел од истрагата околу аферата со криминалот во Државна лотарија. Опфатени се и поранешен генерален секретар и државни службеници.  Постапувајќи по наредба на Основното јавно обвинителство- Скопје утринава се извршени повеќе претреси и активности.

– Постапено е по кривична пријава којашто на 13.12.2024 година од страна на Одделот за сузбивање на Организиран криминал и корупција, Сектор за криминалистички истраги и единица за корупција против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен Генерален секретар, останатите се државни службеници, коишто работат во рамките на едно од правните лица. Во оваа фаза постои сомнение дека истите сториле повеќе кривични дела, коишто на крајот имаат доведено до поголема штета на буџетот на македонските граѓани, рече Тошковски.

Многу добро знае јавноста кои се тие две лица, рече Тошковски. Јас би упатил јавен повик, од еден од тие двајца кои во текот на вчерашниот ден кажа дека доброволно ќе се врати во Македонија, јас сакам да му верувам, кажа дека е чист како солза, пак сакам да му верувам, еве јавно упатувам да истиот се врати во Македонија, ако не е вратен, и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат оваа постапка, дополни Тошковски.

При претресите кај еден од нив се пронајдени парични средства во износ од околу 40.000 евра, а кај второсомничниот околу  20.000 евра, додека две од предметните лица не се достапни на органите на прогонот.

ПредходнаМицкоски: Груби заедно со стопанственик со дипломатско возило вчера ја напуштил Македонија и заминал во Косово
СледнаВо Бундестагот изгласана недоверба на Шолц, со што се отвора патот за предвремени избори