Во текот на изминатиот викенд, Израел изрази бес поради изјавите на папата, кој зборуваше за „ужасноста“ на смртта на децата во израелските напади на Појасот Газа.
За Светата година под мотото „Аџии на надежта“, Франциско рече: „Го преминуваме прагот на овој свет храм и влегуваме во време на милост и простување, за на секој маж и жена да им се отвори патот на надежта што не разочарува“.
Светите порти се врати кои се затворени во периодот кога не се светите години. Според Ватиканскиот декрет за гревовите, секој што ќе помине низ овие порти како аџија може да добие простување на времената казна за гревовите во чистилиштето.
Во календарот на поглаварот на Римокатоличката црква до 5 јануари има вкупно пет вакви отворања на свети порти, а во четврток првпат ќе има и отворање на Света порта во затвор. Католичката црква од 15 век наваму ја слави таканаречената редовна Света година на секои 25 години. За прославата на Светата година во Рим се очекуваат повеќе од 30 милиони аџии.
Денеска напладне (25.12.), папата Франциско го има своето официјално божиќно обраќање во базиликата Свети Петар. Притоа тој обично повикува на мир во светот и крај на војните и конфликтите. Поглаварот на Римокатоличката црква потоа го дава традиционалниот благослов „Урби ет Орби“ (за градот и светот), кој се дава само на Божик и Велигден.