дома Без филтер Светот во 2024/ Политичка криза во Франција, дипломатски бум на Макрон

Светот во 2024/ Политичка криза во Франција, дипломатски бум на Макрон

4
Светот во 2024/ Политичка криза во Франција, дипломатски бум на Макрон

Изминатата 2024 година во Франција за помалку од 12 месеци се сменија четворица премиери. Девет дена по почетокот на годината, Елизабет Борн му ја отстапи премиерската функција на Габриел Атал – најмладиот премиер во историјата на француската Петта република. Тој му ја отстапи функцијата во септември на Мишел Барние – најстариот премиер во историјата на француската Петта република. По само три месеци во премиерската фотелја, него на 13 декември го смени Франсоа Бајру и на тој начин владата на Барние стана најкратката во модерната француска историја.

Кризата беше предизвикана од исходот на европските избори во Франција во јуни. Тогаш победи крајно десничарскиот „Национален собир“, а блокот на Макрон остана на второто место со прилично голема разлика. Францускиот претседател потоа го распушти Долниот дом на парламентот и распиша предвремени избори. Во првиот круг повторно победи екстремната десница. Во вториот круг од парламентарните избори, анти-екстремно десничарскиот фронт составен од Обединетата левица и макронистите и нивните центристички сојузници го турнаа Националниот собир од првото на третото место, но потоа Обединетата левица изненадувачки се искачи на првото место, додека таборот на Макрон остана на второто место. Долниот дом на парламентот беше фрагментиран на три блока, при што ниту еден од нив немаше апсолутно мнозинство, а Макрон потоа одби да ја номинира кандидатката Обединетата левица за премиерка Луси Каст, тврдејќи дека нема да биде поддржана од десницата во францускиот парламент и дека земјата нема да излезе од политичката криза. По три месеци, владата на Мишел Барние не успеа да стекне популарност и беше сменета со гласање недоверба поради законот за буџет за наредната година.

И номинацијата на Бајру за уште еден нов премиер не помина без проблеми. Макрон одржа консултации со голем број партии, исклучувајќи ја крајната десница и радикалната левица. Француските медиуми до неодамна тврдеа дека тој не сака да го номинира Бајру и оти функцијата му ја понудил на поранешниот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, кој одбил затоа што е премногу стар. На крајот, Макрон беше принуден да го избере центристот Бајру кој наводно му се заканил дека ако не биде номиниран, може да ја повлече својата партија од претседателскиот парламентарен блок, јавија неои француски медиуми.

Бајру во 2025 го чекаат судски процеси за пренасочување на европски фондови што најавува негов краток премиерски мандат. Доколку се остварат предвидувањата дека Бајру може да добие макар условна казна, Макрон ќе го собори рекордот за најмногу премиери за време на неговиот претседателски мандат. Рекордот моментално го држи Франсоа Митеран, кој имаше седум премиери во текот на неговите 14 години на власт. За разлика од него, сепак, мандатите на Макрон траат по пет години, а до крајот на неговиот втор мандат остануваат уште две и пол години.

И додека Франција се бори да излезе од политичката криза во комбинација со финансиските проблеми кои произлегуваат од буџетскиот дефицит од околу шест отсто од БДП, поради што Европската комисија од летоска почна процедура против неа што може да доведе до големи казни, Макрон водеше активна дипломатија на сите можни фронтови и гласно ги кажуваше своите ставови за секој поважен настан во светот.

Франција во 2024 година беше домаќин на неколку настани кои шефот на француската држава успеа да ги претвори во гламурозни самити.

Во текот на летото, Париз беше домаќин на Олимписките и Параолимписките игри кои привлекоа голем број лидери со кои Макрон имаше билатерални средби.

На почетокот на октомври се одржа 19-от Самит на Франкофонијата. Од 88 земји членки на Меѓународната организација на Франкофонијата, на форумот присуствуваа лидерите на околу 50 од нив, а на маргините на форумот беа одржани и голем број билатерални средби на највисоко ниво. Тоа беше прв самит на на организацијата по 33 години во земјата каде што се наоѓа нејзиното седиште. Форумот се одржа во позадина на серија глобални кризи за кои разговараа франкофонските лидери.

Во голем дипломатски настан беше претворена и 80-годишнината од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија што се одбележа вп јуни.

Викендот на 7 и 8 декември, 2.500 истакнати гости, вклучително и лидери и претставници на околу 50 земји, дојдоа во Париз за да присуствуваат на отворањето на Нотр Дам, париската катедрала која беше обновена по пожар. Настанот уште еднаш даде можност за повеќенасочна билатерална дипломатија. Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја искористи приликата да разговара со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск, кој ќе биде дел од идната администрација на Трамп. Австрискиот канцелар Карл Нехамер разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, нудејќи му Виена да биде домаќин на можни мировни преговори меѓу Украина и Русија.

Но, вистинското дипломатско достигнување за Макрон дојде од 35-минутната средба што ја договори меѓу Зеленски и Трамп во Елисејската палата, на која лично присуствуваше. Зеленски ја опиша средбата како добра и плодна, а Макрон рече дека напорите за постигнување мир и безбедност во Украина ќе продолжат. Ден по средбата, додека се уште беше во Париз, Трамп повика на итен прекин на огнот во Украина и преговори за постигнување договор за ставање крај на „ова лудило“. Неколку дена потоа, Зеленски изрази длабока благодарност до Трамп за неговата силна решеност да стави крај на војната, додека во интервју за француското издание Пари Мач, Трамп повторно нагласи дека „приоритет е да се реши проблемот на Украина со Русија затоа што овие две земји трпат незамисливи човечки загуби“.

Во септември, Макрон се врати на годишната сесија на Генералното собрание на ОН, откако минатата година го пропушти настанот поради државната посета на Франција на британскиот крал Чарлс Трети. Од говорницата на ОН, Макрон предупреди дека човештвото станува се пофрагментирано, додека околностите бараат заеднички одговори на многубројните светски кризи.

Макрон беше меѓу лидерите чии забелешки привлекоа меѓународно внимание за време на самитите на Г7 (САД, Франција, Германија, ОК, Италија, Канада и Јапонија) во јуни во Борго Игнација во Италија и на МЕД9 (Франција, Италија, Шпанија, Грција, Кипар, Малта, Португалија, Хрватска и Словенија) во Пафос на Кипар во октомври.

За време на самитот на Г20 (САД, Аргентина, Бразил, Мексико, Австралија, Канада, Република Јужна Африка, Франција, Италија, Велика Британија, Германија, Кина, Јужна Кореја, Индија, Индонезија, Јапонија, Саудиска Арабија, Турција, Русија и ЕУ) во средината на ноември во Рио де Жанеиро, Макрон остро ја критикуваше нефункционалната „една светска влада“ и повика на реформи на Г20 за да не биде само лидерски формат кој објавува изјави кои никој не ги чита.

На дипломатската агенда на Макрон изминатата година се најде и нашата земја. На почетокот на ноември, на маргините на 5-от Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта францускиот претседател се сретна со македонскиот премиер Христијан Мицкоски кому му повтори дека „Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија на патот кон ЕУ, во согласност со нејзините меѓународните обврски“.

ПредходнаВатикан: Што значи Светата година 2025?
СледнаРусија масовно ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина; тројца ранети во Харков