Според Митева, изненадува фактот првиот чекор што го презема УПОЗ наместо дијалогот, кој е прв демократски начин и метод за функционирање.Таа напомена дека има бројни механизми преку кои може да се отворат овие прашања, а воедно тоа е и Економско-социјалниот совет кој го формираше Владата, каде Синдикатот партиципира и требале и можеле да го отворат ова прашање.
На новинарско прашање дали е возможно да се реализира покачување на платите за 30 проценти како што бара Синдикатот, Митева одговори дека секогаш се отворени за дијалог и како Влада ќе пристапат кон изнаоѓање на решение.
-Кажавме дека секогаш сме отворени за дијалог, преку кој како Влада ќе пристапиме кон изнаоѓање на решение. Како Влада дадовме директна и сериозна динамика на работа на тој Економско социјален совет. Имаме еднаш месечно средби, каде што сите засегнати страни можат сите прашања да ги отворат. Морам да потенцирам дека до сега такво нешто немаше отворено на тие средби. Не цениме дека е правилно да се преземе првиот чекор како штрајк, затоа што мислиме дека покажавме изминатите шест месеци дека можеме и знаеме како да водиме дијалози и како да ги реализираме барањата. Повикуваме на дијалог, а не на штрајк, додаде Митева.
Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив денеска одржаа предупредувачки протест барајќи потпишување на колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата. На протест излегоа вработени од министерствата за животна средина, за дигитална трансформација, за шумарство и водостопанство, за правда, за култура и туризам, за економија и труд и за транспорт.
Протестите, како што е најавено, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии