Mакедонскиот кајакар и спортски работник Љубомир Спасиќ е нов член на Комитетот за спуст при Европската кајак асоцијација.
Во 2023/24 година како прв македонски претставник во оваа асоцијација беше Елена Чуркоска.
За МИА, Љубомир Спасиќ истакна дека е пресреќен од добивањето оваа функција што воедно е и значаен чекор за македонскиот кајакарски спорт на меѓународна сцена. Таму претседател е Мануела Гавеч од Германија, а членови се и Александра Плачтова од Чешка, Мартин Весел од Словачка и Фабиен Хабриох од Франција.
– Изборот во Европската кајак асоцијација се должи на мојот долгогодишниот труд што ги имам вложено и како спортист и како и спортски работник, а долги години сум активен како директор на Европски првенства, европски и светски купови. Воедно работев и на возобновување на кајак спустот во Македонија и на Балканот, преку организирање на два Балкански шампионати клупски во Велес. Сето тоа е забележано од претседателот на Европската кајак асоцијација и претседателката на Светската кајак асоцијација,кои побараа Кајкарската Федерација на Македонија да ме предложи за делегат односно член во специјалната Комисија за спуст на Европската кајак асоцијација, потоа бев предложен и избран, појасни Спасиќ.
Спасиќ има богато искуство во организацијата на врвни меѓународни натпревари. Досега успешно ја извршувал функцијата директор на три Европски првенства, едно коло од Светскиот куп, како и три Европски купови.
– Во другите комитети на Европската асоцијација е и Елена Станојевиќ од Србија, која е координатор таму и тоа добро што две блиски Балкански земји како Македонија и Србија веќе имаат свои претставници и со нивното учество во овие Европски тела ќе можеме да донесеме што е можно повеќе натпревари од повисок ранг во нашите две држави,во соседните држави и на Балканот. Тоа е добро што ние ќе можеме да лобираме да вклучиме и наши луѓе во иднина во структурите на Европската и Светската кајак асоцијација, најави Спасиќ.
Покрај оваа престижна позиција, Љубомир Спасиќ доби уште едно значајно признание – избран е за тренер на камповите за развој на кајакот од страна на Светската и Европската кајак федерација.
Спасиќ информира дека овие кампови се организираат за земјите во развој од Африка, Азија и Европа каде кајакарскиот спорт не е толку популаризиран, а ќе се организираат 10 до 15 дена дена пред одржувањето на сите поголеми Европски и Светски првенства.