Стопанската комора на Северна Македонија заедно со Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ – групација на Светска банка и Националниот совет за медијација-Владино тело, денеска беа организатори на втората регионална конференција на тема: “Заеднички кон поголема афирмација на медијацијата во РСМ, заради искористување на сите нејзини бенефити”.
На регионалата конференција, на која учествуваа претставници на бизнис секторот, на државните институции, стопанските комори од регионот, локалната самоуправа, адвокати и судии, беа истакнати сите предности на медијацијата, која како алтернативна алатка има тенденција на пораст, особено кај трговските спорови.
Од вкупниот број на постапки за медијација односно од 4.578 постапки 50.5% завршиле со спогодба. Од вкупниот број на медијации, 43,5% се трговски спорови, 4,5% се осигурителни спорови, додека 45% се работни спорови.
Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, Националниот координатор за медијација во своето воведно обраќање истакна дека со помош на медијација деловните спорови се премостуваат на брз, евтин и ефикасен начин и се избегнуваат долгите судски спорови. Токму затоа компаниите да ја користат медијацијата во деловните спорови не само меѓу себе, туку и со државата и со општините. Потенцираше дека за бизнис заедницата, радува податокот што од година во година тенденција на пораст имаат трговските спорови.
„Посебно радува и податокот што благодарение на вакви институции како Националниот совет за медијација се евидентираат добри бројки. Пример, од вкупниот број на медијации евидентирани во последните 6-7 години 1/3 се евидентирани само во последните две години од кога е формиран Националниот совет за медијација при што може да се дојде до заклучокот дека благодарение на поддршката на Владата, Националниот совет за медијација, Стопанската комора на Македонија кои прават промоции, предавања и сл. бројките и состојбите се подобруваат во позитивна насока, што е успех за сите“, истакна Георгиева Јовевска.
Државата и преку сопствен пример ја покажува поддршката на медијацијата, така што државните институции во последните неколку години се едни од поголемите корисници на медијацијата, кажа во својот говор заменичката министерка за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.
„Од решавањето на споровите по пат на медијација корист имаат не само поединците туку и општеството во целина. Како заменик министер за правда потенцирам дека заложбата за промоција на медијацијата е приоритет. Таа е дел од новата Стратегија за развој на правосудниот сектор 2023-2027, каде се предвидени стратешки цели, мерки и активности за натамошниот развој на медијацијата во државата“, истакна Аврамовска Мадиќ.
Зборувајќи за придобивките од медијацијата, генералниот секретар на Владата на РСМ м-р Методија Димовски нагласи дека во услови кога нашите судови се соочуваат со голем број на предмети, користењете на алтернативниот начин на решавање на споровите е многу важно.
„Сметам дека не треба да се има дилема дека медијацијата е концепт, кој промовира мирно решавање на споровите, во која сите страни треба да се чувствуваат како добитници“, рече Димовски.
На регионалната конференција панелисти беа и координаторите од Асоцијациите за медијација при Стопанските комори од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија и Црна Гора. Тие говореа за постигнувањата и користењето на медијацијата, секој во својата земја, како и за чекорите кои треба поединечно секоја институција да ги презе, за уште поголема афирмација на медијацијата.
За европските искуства со медијацијата говореа амбасадори/претставници од: Амбасадата на СР Германија во РСМ, ЕУ делегацијата во РСМ, како и од УНДП во делот поголема застапеност на медијацијата во локалната самоуправа со цел подобар развој на општините.
Согласно официјалните податоци за внес на предметите во медијацијата при Министерството за правда евидентно е дека од 2017 година до 30.09.2023 година државата најмногу е вклучена во решавање на работните спорови преку процесот на медијација, односно бројката за овој период е 2.041 работни спорови од вкупно по сите други основи 4578 постапки за медијација (што е 45%). Од овие 2.041 постапки решени по пат на медијација, 98 % се успешни односно со склучена спогодба.