дома Македонија Фон дер Лајен до крајот на месецов ќе ја посети Македонија, а...

Фон дер Лајен до крајот на месецов ќе ја посети Македонија, а можно е и Макрон

59

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најдоцна до крајот на месецов ќе ја посети Македонија, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, при што потенцираше дека имало такви најави и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес.

„Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Северна Македонија, до крајот на месецов, а претседателот Макрон неколку пати изрази желба и тоа јавна дека во некоја од неговите посети ќе ја посети нашата земја. Јас имав неколку средби со него, како и претседателот на државата“, рече Ковачевски.

Зборувајќи за позицијата на Франција, тој оцени дека оваа земја, во овој геополитички момент во Европа, е за проширување на унијата.

„Ако погледнете во однос на поддршката која ја дава Франција, тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање, така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето, тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Северна Македонија, се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа“, рече Ковачевски.

Според него, процесот на проширување е отпочнат и се надева дека ќе биде завршен. Посочувајќи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана, Ковачевски рече дека сите сме можеле да се увериме во она што го кажале сите претставници на ЕУ, како и на прес-конференцијата што ја имаше францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата билатерална посета на Албанија; дека процесот е отворен, дека на него се работи и тој ќе биде практично во две патеки – едната е ЕУ да се подготви до 2030 за прием на нови земји членки, со оглед на тоа дека треба да функционира со повеќе земји-членки, а од друга страна државите да ги исполнат своите обврски.

„И тоа значи дека оние коишто побрзо ќе ги извршат, направат своите обврски, коишто побрзо ќе ги направат реформите, тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека Северна Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг“, оцени Ковачевски.

Извор: МИА

– Реклама –

ПредходнаПРИСТИГНУВА СЕРИЈАТА „ЛУЗНА“ ВО ПРОДУКЦИЈА НА ТЕЛЕКОМ СРБИЈА, АМАЗОН ПРАЈМ ВИДЕО И ШПАНСКАТА РТВЕ
СледнаВо нападот врз болницата загинале 471 Палестинец, а 314 се повредени, соопшти МЗ во Газа