
Градоначалникот на Кочани во оставка, Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, е пуштен по денешниот распит во Јавното обвинителство и засега нема статус на осомничен во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 59 млади луѓе, а 155 се повредени, информираат од Обвинителството.
„Извршен е распит на градоначалникот, кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, соопштија од Обвинителството.
Папазов повеќе од еден ден по најголемата несреќа во историјата на Кочани и Македонија не се појавуваше во јавноста. Денес, преку социјалните мрежи, соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата.
„Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша Папазов во објавата.
Тој истакна и дека доколку постои каков било основ за одговорност кај него, го повикува Обвинителството „да го испита тоа и да постапи согласно законите“.
Во меѓувреме, гневни жители на Кочани попладнево протестираа низ градот. Дел од нив го демолираа автомобилот на Папазов додека тој беше на распит, а неговата куќа беше гаѓана со камења и други предмети.