дома Свет Трамп и Путин се согласија војната во Украина да заврши со „траен...

Трамп и Путин се согласија војната во Украина да заврши со „траен мир“

Трамп и Путин се согласија војната во Украина да заврши со „траен мир“

 Американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин за време на нивниот телефонски разговор денеска се согласија дека војната меѓу Русија и Украина мора да заврши со „траен мир“ и преговорите за таа цел ќе започнат веднаш, соопшти Белата куќа.

-Лидерите се согласија дека движењето кон мир ќе започне со прекин на огнот во енергетскиот и инфраструктурниот сектор, како и технички преговори за спроведување на прекин на огнот во Црното Море, целосен прекин на огнот и траен мир, се вели во соопштението објавено по разговорот.

„Овие преговори ќе започнат веднаш на Блискиот Исток“, се додава во документот.

Путин се согласи со предлогот на Трамп, Русија и Украина да престанат да удираат меѓусебно врз енергетската инфраструктура 30 дена. Руските медиуми јавија дека по разговорот со Трамп, Путин и наредил на војската да ги запре нападите врз овие цели на 30 дена.

Кремљ соопшти дека двајцата лидери имале „детална и искрена размена на мислења“ за Украина.

Кремљ истакна дека „клучниот услов“ за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот е „целосен прекин“ на странската воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина.

-Двајцата лидери се согласија дека иднината со подобрени билатерални односи меѓу Соединетите Држави и Русија ветува многу. Тоа вклучува огромни економски договори и геополитичка стабилност откако ќе се постигне мир, се вели во соопштението на Белата куќа.

Белата куќа вчера објави дека американскиот претседател е „решен“ да постигне договор за ставање крај на руската војна против Украина и дека светот е блиску до мир.

Претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ја посети Русија и се сретна со Путин за да разговара за предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот. Кремљ соопшти дека преку Виткоф му биле пренесени „дополнителни сигнали“ на Трамп.

ПредходнаПротестни собири во повеќе градови во спомен на жртвите од пожарот во Кочани, истрагата проширена на повеќе лица
СледнаАрхиепископот Охридски и Македонски Господин Стефан повикува на единство и молитва за жртвите во Кочани