Ова утро, 11 автобуси полни со приближно 600 Македонци тргнаа кон Белград за да изразат своја поддршка кон српскиот претседател Александар Вучиќ на контрапротестот насловен „Не ја даваме Србија“, според извештаи од „А1он“. Главната манифестација организирана од Српската напредна партија ќе се одржи вечерва во 19 часот пред зградата на Парламентот во Белград. Овој настан претставува врв на тридневна активност на владата во реакција на студентските протести кои продолжуваат над пола година во земјата. Причината за негодувањето меѓу студентите е, според нивните изјави, дисфункцијата на институциите и поединечните барања за преземање одговорност за трагедијата на 1 ноември во Нови Сад, каде што при уривањето на железничка настрешница загинаа 16 лица. Високообразовните установи беа блокирани, а протестите прераснаа во општ народен револт против режимот на Вучиќ.