

„Охрид трчаТ“ веќе одамна не е само спортска трка, туку е спортско-туристички бренд кој го слави животот, здравјето и заедништвото. Како што истакна Јоне Станкоски од АК „Охрид трчаТ“, градот викендов живее со настанот – со исполнети капацитети, бројни посетители и позитивна атмосфера која се пренесува на секој чекор.
Во рамки на програмата се одржуваат повеќе активности – од ноќна трка и спортски експо, до панел дискусии и загревање за учесниците. Утрешниот ден е резервиран за главните трки на 21К и 5К, кои започнуваат во 8:15 часот.
Организаторите и општинските власти најавија и времен режим на сообраќај, со што ќе бидат воведени привремени измени од 8 до 11 часот. Од СВР Охрид информираат дека се преземени сите безбедносни мерки за нормално одвивање на трките и заштита на граѓаните.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, порача дека ваквите настани се од исклучително значење за туризмот и локалната економија. Тој потенцираше дека манифестацијата ја поддржува не само како градоначалник, туку и како учесник во трката на 5 километри.
„Охрид трчаТ“ станува пример за тоа како спортскиот дух може да обедини луѓе од различни генерации и култури, создавајќи пријателства и поттикнувајќи здрави навики, велат организаторите. Најавено е дека следната година, по повод јубилејното 10-то издание, ќе се воведат нови, иновативни елементи во програмата.