дома Македонија Црна хроника Судот во Кочани одреди притвор за Александар Нацев

Судот во Кочани одреди притвор за Александар Нацев

Мерка притвор во траење од 30 дена му одреди Основниот суд – Кочани на Александар Нацев, реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

До ова дојде откако Основното јавно обвинителство – Кочани ја прошири истрагата за Нацев, чија агенција ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ кога се случи трагичниот пожар. Тој беше осомничен дека сторил „тешки дела против општата сигурност“ и дека раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Притоа, агенцијата „Рубикон“ немала склучено договор за обезбедување во дискотеката во Кочани.

Александар Нацев е универзитетски професор, а пред десетина години беше и директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Истрагата покажа дека безбедноста во клубот била сериозно занемарена – немало безбедносна проценка, ниту план за обезбедување, а не биле направени проверки за противпожарна заштита. Дополнително, обезбедувањето не го контролирало влезот во локалот и дозволило влез на деца, не водело сметка за преполнетоста, ниту спречило внес и користење на пиротехнички средства, со кои директно бил предизвикан пожарот.

Како резултат на трагедијата, животот го загубија 62 лица, 157 се здобија со тешки телесни повреди, а 54 беа полесно повредени.

По наредба на суд, беа извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, како и на возилото на осомничениот. Притоа беше одземена обемна документација и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода, а јавниот обвинител ќе достави предлог до судот за определување мерка притвор.

ПредходнаФинансиска полиција поднесе кривична за градоначалникот на Росоман, изготвил 6 лажни јавни исправи
СледнаГерасимовски убеден дека ќе победи во Центар, најавува нов мандат