
Под мотото „Мапирање на енергетската иднина на Западен Балкан“ во Скопје денеска започнува осмото издание на Македонскиот енергетски форум – MEF25, регионален настан посветен на енергетската транзиција и одржливиот развој на Западен Балкан.
Форумот ќе ги обедини водечките имиња од политиката, индустријата, науката и граѓанскиот сектор, со цел да се поттикне дијалог и соработка за забрзување на енергетската трансформација во регионот.
Клучни цели на МЕФ25 се продлабочување на регионалната соработка во услови на геополитички промени, усогласување со целите за декарбонизација до 2050 година и обврските од COP30, поттикнување на индустриски развој и иновации и истражување на улогата на вештачката интелигенција и новите технологии во енергетиката.
Форумот што ќе се одржува во хотел „Хилтон“ ќе трае два дена, а учесниците ќе имаат можност да разменат идеи, да иницираат партнерства и да придонесат кон создавање на одржлива и безбедна енергетска иднина за регионот.