дома Економија Македонската берза и Капитал финансиски центар ја подигнуваат финансиската писменост на граѓаните

Македонската берза и Капитал финансиски центар ја подигнуваат финансиската писменост на граѓаните

56

„Заштеди и инвестирај за подобра иднина“ беше темата на едукативниот настан по повод Светскиот ден на штедењето, кој се одржа вчера во Скопје во организација на Македонска берза АД Скопје и Капитал финансиски центар.

-Обуката беше наменета за индивидуалци и правни лица кои сакаат да ги заштитат своите пари од инфлација и практично да научат како функционира пазарот на капитал.

Како да се управува личен и семеен буџет, да се постават финансиски цели и како да се направи разлика меѓу парични и реални вредности беа дел од темите на обуката.

Посетителите на настанот се запознаа и со улогата и начинот на функционирање на Берзата и со улогата и значењето на останатите институции на пазарот на хартии од вредност, информираат организаторите на обуката.

Една од главните заложби на Македонската берза е да го доближи берзанското работење и воопшто, начинот на функционирање на пазарите на хартии од вредност до што поширок круг заинтересирани учесници.

Во таа насока е и соработката што Македонската берза ја остварува со останатите чинители и активностите што ги презема во делот на зголемување на финансиската едукација и писменост.

Билјана Станковска Арсова од Капитал финансиски центар на настанот се осврна на клучните разлики меѓу штедач и инвеститор и предложи разни финансиски инструменти за заштита на парите од инфлација.

-Од суштинско значење за секој граѓанин е да вложи време во едукација за управување со личните финансии и да научи како да ги користи современите финансиски инструменти, меѓу кои се акциите и обврзниците кои ги има на берзата, како и уделите во инвестициските фондови, чии приноси секако ќе ја победат инфлацијата и значително ќе ја зголемат вредноста на вложените средства во еден подолг временски хоризонт.

Ние, во Капитал финансиски центар, како досега и во иднина, ќе продолжиме да делуваме во подигнување на финансиската писменост во Македонија и преку едукативни семинари и обуки да ги приближиме современите финансиски инструменти до сите, вели Станковска Арсова.

Купувањето акции може да се прави самостојно и со користење на професионални портфолио менаџери.

Постојат повеќе начини како професионалните портфолио менаџери управуваат – главно преку услугата управување со индивидуално портфолио на акции и преку отворените инвестициски фондови, за што посетителите на настанот добија многу корисни информации.



ПредходнаЕвропските и азиските берзи на пат кон блага неделна загуба
СледнаНов повик за практикантство во компаниите