дома Технологии Дали сум привлечна?“: Сè повеќе луѓе бараат искрен одговор од вештачката интелигенција

Дали сум привлечна?“: Сè повеќе луѓе бараат искрен одговор од вештачката интелигенција

Една триесет и двегодишна жена од Сиднеј почнала да се преиспитува за својот изглед откако пријателите ѝ сугерирале дека нејзиното момче е „премногу убаво за неа“. Свесна дека никој од нив нема да ѝ каже директно што да промени за да изгледа подобро, решила да побара сурова искреност од вештачка интелигенција. Му напишала на ЧатџиПити дека се чувствува недоволно привлечна и го прашала што би можела да направи за да изгледа поубаво. Одговорот бил дека нејзиното лице би изгледало подобро со шишки, пишува „Вашингтон пост“.

 

 

.

Откако ЧатџиПити е пуштен во употреба кон крајот на 2022 година, стотици милиони луѓе ширум светот го користат за пишување, истражување и добивање идеи. Но, во последно време сè повеќе корисници му испраќаат и свои фотографии, барајќи искрено мислење за својот изглед, а потоа ги споделуваат добиените одговори на социјалните мрежи

Многумина бараат и конкретни совети – од препораки за козметика до естетски интервенции. Некои дури и потрошиле илјадници долари следејќи ги препораките што им ги дале алатките со вештачка интелигенција.

Овој тренд ја покажува подготвеноста на луѓето да бараат мислење за субјективни теми, како што е убавината, од машини. Иако некои сметаат дека чет-ботовите се понепристрасни од луѓето, експертите предупредуваат дека и тие може да бидат под влијание на скриени пристрасности – било преку податоците со кои се обучени, било поради финансиски интереси на компаниите што ги создаваат.

Кога ЧатџиПити одговара, тој се потпира на огромна количина содржини од интернет, од научни трудови до сексистички форуми. Критичарите предупредуваат дека е ризично да се бара објективна слика за сопствениот изглед од алатка која црпи информации и од такви извори.

Со мислењето за изгледот често доаѓаат и препораки за производи. Компаниите што ги развиваат овие алатки гледаат можност за заработка преку вметнување спонзорирани совети и реклами, па постои ризик ЧатџиПити да препорачува производи во интерес на компаниите, а не на корисниците.

Сепак, многумина велат дека ги ценат советите од чет-ботот, бидејќи мислењата се лишени од емоции, за разлика од оние на блиските. Една жена, на пример, изјавила дека потрошила околу 200 долари откако го прашала ЧатџиПити како да изгледа попривлечно, а тој ѝ дал совети поврзани со фризура, нега на кожа, шминка и облека. Таа додава дека доколку некој ѝ го кажел тоа во лице, ќе се почувствувала повредено, но одговорот од машина ѝ звучел полесно за прифаќање.

Некои корисници го гледаат ЧатџиПити како објективен критичар, бидејќи, за разлика од луѓето, тој не зема предвид карактеристики како добрината или смислата за хумор. Колумнистката Џесика ДеФино вели дека овој тренд ги претвора луѓето во предмети што треба да се „оптимизираат“, и дека тие почнуваат да се оценуваат како производи, што е проблематично.

Во меѓувреме, од OpenAI најавија дека ЧатџиПити наскоро ќе може да препорачува и производи со слики и линкови, што дополнително ги загрижува аналитичарите. Тие предупредуваат дека ваквите совети можат да бидат мотивирани од маркетинг интереси, а не од вистинските потреби на корисниците.

Иако компанијата не открива со кои податоци бил обучен моделот, се претпоставува дека меѓу нив има и форуми како r/RateMe и слични страници на кои (главно мажи) ги оценуваат жените според изгледот, што само ги зацврстува постоечките предрасуди и стандарди за убавина. Експертите тоа го нарекуваат „автоматизација на машкиот поглед“.

И покрај сè, многу луѓе велат дека се чувствуваат поисполнето кога добиваат искрен одговор од машина, без страв од осуда, љубомора или непријатност. За некои, тоа е сосема доволно.
ПредходнаВИДЕО | „Кого удрам не жалам“: Хуманоиден робот изгуби контрола за време на тестирање, ги „истепа“ вработените
СледнаФОТО | Вистинското лице на Бетовен откриено првпат: Еве како изгледал славниот композитор