дома Бизнис Најголемо трговско пристаниште на планетата: Од Нингбо Зоушан го освојува светот

Најголемо трговско пристаниште на планетата: Од Нингбо Зоушан го освојува светот

МИА во третото најголемо трговско пристаниште на планетата: Од Нингбо Зоушан, Кина го освојува светот

  Кина е еден од најголемите извозници во светот иако бројките се менуваат, како на пример кога во мај годинава е забележано намалување на извозот на производи во САД поради воведување царини, но стратегијата останува иста. Оваа земја, која, според многумина, во моментов е една од најмноќните во светот, трговските „битки“ ги гради со години, а дел од нив, освен производството, трговското освојување на територии, ги опфаќаат и доставата и скратувањето на времето за достава на производите што излегуваат од кинеските фабрики и индустриски капацитети.

Доставувањето на производите приближно изледа вака: кинеската компанија од каде што сте направиле нарачка го товари вашиот веќе спакуван производ во камиони заедно со уште којзнае колку други пратки што треба да одат кон истата или блиска дестинација и потоа се упатува во едно од неколкуте можни локации од каде вашиот производ се упатува кон означена дестинација, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Тука би споменале дека некои компании имаат свои логистички центри и надвор од Кина од каде и ги доставуваат производите, но овде ќе се задржиме само од каде и како генерално излегуваат производите од оваа земја.

Производите до Македонија доаѓаат на три начини: со карго авиони, во контејнери со возови преку Експресната железница Кина – Европа што тргнуваат од Меѓународниот трговски и логистички парк во Ксиан до некоја од европските земји како Романија, Полска или Германија и одат натаму, и третиот начин е со контејнери и карго бродови што тргнуваат, меѓу другите, и од третото најголемо пристаниште во светот кое се наоѓа во близина на кинескиот град Нингбо.

Новинар на МИА заедно со повеќемина други колеги од земјите на Централна и Источна Европа беше во посета на пристаништето Нингбо Зоушан, кое се наоѓа на оддалеченост од околу 83 километри од градот Нингбо, додека од Шангај, еден од најголeмите финансиски центри во светот, е оддалечен околу 250 километри. Втората дестинација што ја посетивме е Експресната железница Кина – Европа во близина на градот Ксиан, во источната кинеска провинција Шаанкси, од каде возови натоварени со стока и разни производи тргнуваат од Меѓународниот трговски и логистички парк.

Статистички, врз основа на податоци од кинеските власти, во 2024 година вкупната трговска размена меѓу Кина и земјите од ЦЕИ изнесувала 142,3 милијарди долари. Само во земјите од Централна и Источна Европа минатата година Кина извезла производи во вкупна вредност од 111,1 милијарди долари, додека увозот од овие земји изнесува само 31,2 милијарди долари.

Најголеми трговски партнери на Кина во 2024 година од земјите од ЦЕИ се Полска, Чешка и Унгарија. Во 2024 година инвестициите на Кина во земјите од ЦЕИ изнесувале 24 милијарди долари. Интенцијата на сите земји од ЦИЕ, вклучувајќи ја и Македонија, е да се зголеми извозот во Кина, која е еден од трите најголеми пазари во светот. Доказ за ова беше и саемот за широка потрошувачка Кина – ЦИЕ што се одржа во Нингбо.

Брза железница за транспорт на стока до Русија и европските земји 

Од историскиот град Ксиан, кон Експресната железница Кина – Европа, во еден од најтоплите денови во мај, се упативме во овој дел на светот. Оваа железничка линија е клучен дел од пошироката мрежа за услуги за товарен железнички сообраќај што ги поврзува Кина и Европа. Логистичкиот центар во Ксиан е главен за оваа услуга, особено за транскасписката рута и рутите за Западна Европа.

Претставници на железницата посочуваат дека логистичкиот центар е рангиран меѓу првокласните вакви копнени трговски и логистички центри. Оттаму се управува со 59 железнички линии, вклучувајќи и 18 меѓународни контејнерски линии, со годишен капацитет од 5,4 милиони TEU и пропусен опсег од 66 милиони метрички тони.

Минатата година од оваа централна експресна железничка станица, врз основа на информациите на официјални претставници на компанијата, кон наведените дестинации заминале 4.900 возови со полни вагони и контејнери. Планот на кинеските претставници е оттука годишно да тргнуваат 10.000 карго возови.

Логистичкиот и железнички центар во Провинцијата Шаанкси започнал да функционира како пилот економска зона, а целта биле реформи и отворање кон земјите опфатени со „Иницијативата појас и пат“.

Првите возови со натоварени карго вагони оттаму тргнале на 28 ноември 2013 година на рутата Ксиан – Казахстан.

Ксиан, кој е еден од поголемите економски, историски и културни центри на Кина, во средината на мај беше домаќин и на 9. Меѓународен саем на иницијативата Патот на свилата и на Форумот на инвестиции и трговија помеѓу Источна и Западна Кина. Меѓу учесниците на овој значаен форум беа и бизнисмени не само од Кина туку и од Индија, Обединетите Арапаски Емирати, Турција…

Кинеската провинција Шаанкси, каде се наоѓа и градот Ксиан, се смета за едно од важните места на раѓање на кинеската нација и цивилизација.

Пристаништето Нингбо Зоушан, трето најголемо пристаниште во светот 

Нингбо е град со независен статус на економско планирање и еден од поголемите градови во провинцијата Зеџијанг. Модерен пристанишен град којшто се наоѓа на југоисточниот брег на Кина и економски центар на јужната делта на реката Јангце. Името Нингбо на кинески значи „мирни бранови“. Градот има шест области или дистрикти и се наоѓа на површина од 9,816 километри квадратни копно и 8,355 километри квадратни на море. На крајот на 2024 година на територијата на Нингбо живееле 9,7 милиони жители. Според податоците на кинеските власти, тој е еден од двата града во Зеџијанг со БДП што надминува еден трилион јуани. Во 2024 година неговиот БДП достигнал 1,81477 трилиони јуани, рангирајќи се на 11. место меѓу градовите на копно, додека приходите на општиот јавен буџет достигнале 179,05 милијарди јуани, ставајќи го овој град на десетото место.

Од градот Нингбо, каде се одржуваше 4. Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа, по современ автопат се упативме кон пристаништето Нингбо Зоушан, а најголем дел од возилата што минуваа крај нас беа камиони.

Пристаништето Нингбо – Зоушан опфаќа 19 пристанишни области со 620 оперативни сидришта, вклучувајќи и 170 метри големи сидришта за бродови со над 10.000 вкупна тежина на тонажа (DWT) и над 100 големи и супер големи сидришта за длабоки води за бродови над 50.000 вкупна тежина на тонажа (DWT). Пристаништето Нингбо – Зоушан управува со најголем број супер големи сидришта за длабоки води во Кина и е единственото пристаниште во светот со двојни терминали за контејнери од 10 милиони TEU (Единица еквивалентна на дваесет стапки, стандардна мерка за карго капацитет за бродови и пристаништа за контејнери). Според претставниците на компанијата, овој терминал е познат и како втор најголем во светот.

Од локацијата или терминалот што ние го посетивме тргнуваат бродови со контејнери со производи и стока кон Грција, Словенија и Полска. Дел од она што стасува кај нас доаѓа токму од овие пристаништа, но генерално од Грција.

– Ако ги погледнете контејнерите ќе забележите дека тие се со различна големина. Има помали и двојно поголеми, во зависност од тоа колку собираат. Ќе забележите и дека се со различна боја, а тоа значи дека се од различни бродски компании, објасни претставничката на компанијата.

Товарењето на контејнерите некогаш го правеле работници кои се качувале во кабината на пристанишните кранови на терминалот, кои се во црвена боја. Сега веќе тоа не е така, бидејќи тие се управуваат од далечина преку компјутери.

Пристаништето во Нингбо соработува со различни бродски компании во светот, како со Maersk, потоа Медитеранската бродска компанија…

Во 2024 година, преку пристаништето поминале 1,37 милијарди тони товарна стока, одржувајќи ја својата позиција како најдобро карго пристаниште во светот 16 години по ред, додека од таму поминале контејнери со 39,3 милиони TEU, рангирајќи се на третото место седум години по ред.

МИА

ПредходнаВолстрит џурнал: Трамп одобрил планови за напад врз Иран, но се воздржува од објавување наредба
СледнаНационалниот павилјон на 60. Венециско биенале од 2024 во Чифте амам