Врховниот водач на Иран, ајатолахот Сајед Али Хамнеи, наводно презел мерки на претпазливост во случај на обид за атентат врз него, според плановите што ги правел Израел, објави американскиот весник The New York Times (NYT) во саботата.
Повикувајќи се на неименувани ирански претставници, NYT објави дека врховниот верски и секуларен лидер на Иран именувал тројца можни наследници во случај да биде убиен од Израел.
Минатата недела двајца американски функционери за Reuters изјавија дека американскиот претседател Доналд Трамп ставил вето на израелскиот план за убиство на иранскиот врховен водач ајатолахот Сајед Али Хамнеи. Тие рекле дека Израелците ги информирале дека имале можност да го убијат иранскиот врховен водач, но дека Трамп ги принудил да се откажат од планот.
„Начинот за изнаоѓање решение е подобро од начинот на притисок“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервјуто за арапскиот весник на англиски јазик Sky News Arabia на прашање за неговиот став кон повиците за елиминирање ајатолахот Хамнеи, како една од целите на воената операција на израелското Министерство за одбрана. Според Путин, дозволувањето атентати врз државните челници треба да остане само реторика. Претходно на прес-конференцијата со челниците на водечките меѓународни и западни медиуми на 18-ти јуни во Санк Петербург, во врска со истото прашање Путин рече дека дури и не сака да зборува за таква можност.
Дури и пред да започнат непријателствата меѓу Иран и Израел, имаше шпекулации за тоа кој еден ден би можел да го наследи 86-годишниот ајатолах за кого со години западните разузнавачки служби и медиуми тврдат дека е со нарушено здравје.
Во Иран процесот на наследување е јасно регулиран: Советот на стручњаците, составен од 88 исламски правници и клерици, се состанува во случај на смрт на ајатолахот за да го назначи неговиот наследник.
Според уставот, Хамнеи е духовен и секуларен водач на државата. Клерикот, исто така, е командант на вооружените сили и го има последниот збор за сите прашања.
„Како и другите компоненти на иранската држава, советот е високо институционализиран и дизајниран да постигне консензус, делумно за да ја заштити Исламската Република од шокови“, според статија на порталот Amwaj, поврзан со западни извори.
По почетокот на конфликтот меѓу Израел и Иран, Хамнеи наредил Советот на експерти да се состане веднаш по неговата смрт или доколку тон не е во можност да го избере својот наследник, објавува порталот повикувајќи се на наводно „добро информирани политички извори“.
NYT тврди дека Хамнеи е скриен во бункер, избегнувајќи електронски средства за комуникација и комуницирајќи со своите команданти преку доверлив помошник.
Неговата локација е непозната. Последните денови, тој испраќаше пораки до народот на Иран во нередовни интервали и ги повторуваше своите закани против Израел поради неговата агресија против Исламската Република.