Цените на акциите пораснаа на европските берзи во петокот претпладнето, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од вестите за ублажување на трговските тензии меѓу САД и Кина.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,6 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето и е на добар пат за својот прв седмичен раст за три седмици. Лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,33 отсто на 8.765 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна за 0,84 отсто на 23.845 поени, а парискиот CAC порасна за 1,31 отсто на 7.656 поени.
Белата куќа во четврток соопшти дека е постигнат договор со Кина за забрзување на испораките на ретки земни метали во САД. Инвеститорите се надеваат и дека Вашингтон ќе постигне договор со други земји пред крајниот рок на почетокот на јули за САД да воведат повисоки царини за увоз.
Челнициет на ЕУ разговараа за новите предлози на САД за трговски договор на самитот во Брисел во четвртокот. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека сите опции се отворени.
Азиските пазари се претпазливи
И на азиските пазари се тргува претпазливо. Индексот MSCI Азиско-пацифички регион беше речиси непроменет од вчера во истиот термински рпесек како и во Европа, но е на добар пат за седмичен раст од околу 3 отсто. Цените на акциите во Јапонија скокнаа за 1,4 отсто, додека во Австралија, Хонгконг, Шангај и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто.
На самиот почеток на тргувањето, овие индекси малку пораснаа, благодарение на вестите за напредок во трговските преговори меѓу САД и Кина, како и некои други земји.
Како резултат на тоа, индексот MSCI Азија го достигна највисокото ниво за повеќе од три години. Сепак, тие добивки брзо исчезнаа бидејќи новите економски податоци во регионот не поттикнаа оптимизам.
Затоа, азиските инвеститори не беа импресионирани од вчерашниот раст на Волстрит, при што индексите S&P 500 и Nasdaq се приближија до рекордни нивоа. Dow Jones порасна за 0,94 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,80 отсто, а Nasdaq за 0,97 отсто.




