дома Граѓански Парадата на гордоста се одржа во Будимпешта и покрај забраната, десетици илјади...

Парадата на гордоста се одржа во Будимпешта и покрај забраната, десетици илјади маршираа

Парада на гордоста се одржа во Будимпешта во саботата, и покрај забраната, при што десетици илјади демонстранти маршираа низ унгарскиот главен град барајќи права за ЛГБТК+ заедницата.


„Гардијан“ објави дека десетици илјади луѓе излегле на улиците на Будимпешта и покрај забраната за парадата што ја воведе унгарската влада, и дека тие го следеле повикот на градоначалникот „мирно и храбро да се здружат за да се залагаат за слобода, достоинство и еднакви права“.
Би-Би-Си ја опишува атмосферата како „забава што се прелеала на улиците“ и проценува дека помеѓу 100.000 и 200.000 луѓе, претежно млади, танцувале и пееле на патот помеѓу Пешта и Будим.
Како што оценува британскиот јавен сервис, токму забраната што ја воведе премиерот Виктор Орбан ги охрабри многумина да се приклучат на настанот, на кој, како што наведува, минатата година учествувале само 35.000 луѓе.
Парадата заврши синоќа откако учесниците прошетаа од паркот во близина на градското собрание, преку мостот Елизабет, до другата страна на градот.
Полицијата не им дозволи на учесниците на парадата да ја поминат првично планираната рута преку мостот Слобода, кој беше блокиран од опозициското движење „Нашата татковина“, објави новинската агенција МТИ.
Меѓу учесниците во поворката имаше семејства со деца.
На настанот присуствуваа претставници на неколку невладини организации, актери, градоначалникот од опозициската партија „Дијалог за Унгарија“ Ѓерѓи Карачони, како и романскиот потпретседател на Европскиот парламент, Николае Стефанута, кој дојде во Будимпешта со уште 70 европратеници.

Една од организаторките на настанот, Илдико Ковалчик, рече дека парадата покажала дека постои „единство кога станува збор за љубов, мир, еднаквост и држење за раце“.
Пејачката Кејти Волф изјави дека е во солидарност со ЛГБТК заедницата и сите малцинства затоа што „љубовта им припаѓа на сите“.
Потпретседателот на Европскиот парламент, Николае Стефанута, им се обрати на учесниците на парадата на унгарски јазик и рече дека љубовта не е злосторство, туку нешто што треба да се заштити и негува, додавајќи дека љубовта е посилна од омразата.
Претходно истиот ден, на митингот – кој властите го забранија – учесниците го исполнија плоштадот во близина на градското собрание пред да тргнат на прошетка, некои мавтајќи со знамиња во боите на виножитото, а други носејќи транспаренти со слогани против унгарскиот премиер Виктор Орбан, објави Ројтерс.
Според агенцијата, мали групи десничари се обиделе да ја попречат парадата, но полицијата им спречила да влезат и го пренасочила маршот за да избегне судири.
Организаторите објавија дека учесниците доаѓаат од 30 различни земји, вклучувајќи 70 членови на Европскиот парламент.
Повеќе од 30 амбасади изразија поддршка за маршот, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика унгарските власти да дозволат парадата да се одржи.
Седумдесет унгарски невладини организации, вклучувајќи ги Унгарската унија за граѓански слободи, Транспаренси Интернешнл Унгарија и Унгарската хелсиншка комисија, објавија отворено писмо во петокот во поддршка на маршот, велејќи дека законот што доведе до полициската забрана „служи за заплашување на целото општество“.
Полицијата на својата веб-страница објави дека Врховниот суд на Унгарија во петокот ѝ наложил на полицијата да ја спроведе забраната за Парадата на гордоста во Будимпешта, објави MTI.
Полицијата ја забрани овогодинешната парада, повикувајќи се на законот за заштита на децата усвоен од парламентот во март, кој дозволува забрана на Парадата на гордоста.
Критичарите тврдат дека законот е дел од поширока репресија на владата врз граѓанските слободи пред општите избори во 2026 година.
Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачоњ, се обиде да ја организира парадата како општински настан, за да ја заобиколи потребата од полициска дозвола.
Сепак, властите го отфрлија обидот и предупредија за можни последици.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера наутро предупреди дека ќе има правни последици за организирање или присуство на парада на гордоста во Будимпешта, велејќи дека тоа е прекршување на полициската забрана за настанот.
Премиерот нагласи дека полицијата има овластување да растури забранет настан, но додаде дека Унгарија е „цивилизирана земја“ и дека задачата на полицијата е да ги убеди луѓето да го почитуваат законот.
Орбан, исто така, ѝ порача на Фон дер Лајен дека Европската комисија (ЕК) треба да се воздржи од мешање во спроведувањето на законите во земјите-членки.

ПредходнаSpaceX денес лансираше две групи сателити Starlink во ниската орбита на Земјата
СледнаГерманските железници тестираа воз со рекордна брзина од над 400 километри на час