Крајот на војната во Појасот Газа е близу, изјави доцна во понеделникот израелскиот министер за одбрана Израел Кац, додека се известува дека дневниот број на жртви на палестинската територија е најмалку стотина.
„Се ближиме кон крајот на операцијата во Газа“, рече Кац во изјава, една седмица откако еврејската држава ја заврши својата кратка војна со Иран.
Ги повтори целите на Израел во конфликтот, вклучувајќи го ослободувањето на сите заложници и поразот на палестинскот милитантно движење Хамас.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во текот на викендот дека очекува наскоро прекин на огнот во Газа. Сепак, не беше јасно на што се темели неговата изјава.
Кац сега се чини дека го потврдува оптимизмот на Трамп, но палестински извори велат дека понеделникот бил уште еден крвав ден во малата крајбрежна енклава.
Според палестински медицински извори, најмалку 100 лица беа убиени во израелските напади во понеделникот.
Најмалку 34 лица беа убиени во градот Газа, изјавија вработените во болницата „Шифа“, откако сведоците пријавија дека израелски напад погодил поранешен локал на шеталиштето кои служел како засолниште.
Се наведува дека меѓу жртвите има неколку малолетници и жени, како и еден новинар.
Групата Хамас, која ја контролира Газа, соопшти дека цел на нападот всушност бил камп за раселени лица на плажата.
Израелската армија тврди дека цел на нападот биле неколку членови на Хамас во северниот дел на Газа. Беше наведено дека претходно биле преземени мерки за заштита на цивилите, вклучително и воздушно набљудување на областа.
Инцидентот моментално е под истрага, се додава во соопштението. Израелската армија не даде информации за можни жртви.