Кога пребарувате по социјалните мрежи, веројатно ќе наидете на симпатични фотографии од деца – од првите чекори до роденденски забави и тргнување на училиште. Но, се појавува поинаков тренд: родители кои го покриваат лицето на своето дете со емотикони. Срца, сонца, панди, мачки – сè е дозволено, сè додека лицето не е видливо, пишува „Хафингтон пост“.
Овие родители често се соочуваат со чудење и критики. Некои ги обвинуваат дека се премногу заштитнички настроени, други ги исмејуваат дека претеруваат. Но, во време кога секој клик остава дигитален траг, можеби токму тие се еден чекор понапред.
„Застрашувачки е колку малку контрола имаме откако ќе објавиме нешто“
Лорен Флауердеј, советничка за личен брендинг и мајка на едно дете, од самиот почеток знаела дека нема да го објави лицето на својот син. Таа вели дека тоа било повеќе инстинкт отколку свесна одлука, но дека со текот на времето се убедила себеси дека постапила правилно.
– Работев со инфлуенсерка која имаше повеќе од 200.000 следбеници. Во еден момент на нејзиното дете му пристапил непознат човек на улица – човек кој ја следел на Инстаграм ѝ го препознал детето – рекла таа.
По тоа искуство, Флауердеј ги заострила своите правила уште повеќе. Таа објавува фотографии од рацете и стапалата на својот син или става емотикон со срце врз неговото лице. Во последно време, таа дури размислува да не објавува ниту фотографии, ниту име.
– Сакам тој да има право да одлучи кога ќе порасне што сака и со кого сака да го сподели тоа – рекла таа.
Децата со дигитални отпечатоци – и оние без
Експертите се согласуваат дека споделувањето фотографии од вашето дете носи ризици. Мира Кан, клинички психолог, предупредува дека тоа може да ја наруши приватноста на детето, да го изложи на несакано внимание и да влијае врз неговиот емоционален развој.
Британи Ален, експертка за онлајн безбедност, вели дека комбинацијата од име, датум на раѓање, фотографија и локација, може да биде доволна за да се изврши кражба на идентитетот. Ваквите случаи не се невообичаени, а честопати остануваат незабележани со години.
Од друга страна, споделувањето фотографии од деца е единствениот начин за многумина да останат поврзани со роднините што живеат далеку. Психологот Џозеф Лаино напоменува дека објавувањето помага во одржувањето на контактот и споделувањето важни моменти со бабите и дедовците или со пријателите.
Но, сè повеќе млади луѓе сега се соочуваат со последиците од родителското „oversharing“, односно прекумерно споделување на социјалните мрежи. Некои ги молат своите родители да ги отстранат фотографиите, други мора да се соочат со непријатни коментари или стари објави што влијаат врз работата и осносите.
Дали постои безбеден начин за споделување?
Ако сакате да споделувате фотографии или информации за своето дете на социјалните мрежи, експертите препорачуваат:
– Не објавувајте ги целосното име, училиштето ниту адресата.
– Не откривајте ја локацијата или карактеристиките на училиштето.
– Поставете го вашиот профил со опција „приватно“ и редовно чистете ја вашата листа на следбеници.
– Исклучете ја локацијата пред да објавувате.
– Размислете за испраќање фотографии до најблиските во порака, наместо јавно да ги објавувате.