Двајца членови на екипажот на бродот за растурен товар „Eternity C“ кој пловел под либериско знаме, управуван од грчка компанија, загинале откако беа нападнати од беспилотни летала и глисери кај Јемен во понеделникот вечерта, изјави либериската бродска делегација на состанокот во вторникот со IMO, бродската агенција на Обединените нации.
Смртните случаи, први од јуни 2024 година, го зголемија вкупниот број загинати морнари во напади врз бродови во Црвеното Море на вкупно шест.
Претходно беше објавено дека најмалку двајца членови на екипажот се повредени, а двајца се водат како исчезнати во нападот на Хутистите врз грчки товарен брод кај Јемен во понеделникот, неколку часа откако проиранската бунтовничка групација соопшти дека потопила друг товарен брод во претходен напад во Црвеното Море.
Нападот од понеделникот, кој се случил на 50 наутички милји југозападно од пристаништето Ал-Худаида, беше втор напад врз трговски брод во важниот поморски коридор од ноември 2024 година, изјави официјален претставник на европската мисија „Aspides“, која има задачи да ги заштитува бродовите во Црвеното Море.
Товарниот брод „Eternity C“, со 22 члена на екипажот – 21 Филипинец и еден Русин – и вооружени чувари, бил нападнат од поморски беспилотни летала и рачни фрлачи на гранати истрелани од глисери, велат изворите.
Бил погоден командниот мост на бродот, а телекомуникациите на пловилото биле оштетени, изјави претставник на компанијата.
Безбедносни извори изјавија дека бродот, кој не превезувал товар, претрпел голема штета. На екипажот му било наредено да го напушти бродот, но чамците за спасување биле уништени, изјавија два извора.
Бродот пловел по морето без контрола, изјави претставник на „Aspides“. Во времето на инцидентот, немало бродови од таа мисија во близина.
Никој сè уште не ја презел одговорноста за нападот.
Порано во понеделник, Хутите ја презедоа одговорноста за нападот во недела врз товарниот брод „MV Magic Seas“ управуван од грчка компанија, југозападно од Јемен. Милитантите со осум чамци го нападнале бродот со огнено оружје, рачни фрлачи на гранати, ракети и поморски беспилотни летала.
Екипажот од 19 морнари морал да го напушти бродот што пловел под либериско знаме бидејќи протекувал вода. Тие биле спасени од брод што минувал низ областа и безбедно пристигнале во Џибути, велат изворите.
Хутистите објавија дека го потопиле бродот. Но, Мајкл Бодуроглу, претставник на компанијата „Stem Shippinga“, рекол дека ова не е потврдено од независни извори.