Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, за првпат по декември 2023 година повторно се појави со дијадема на официјален настан. Таа присуствуваше на свечениот државен банкет организиран во замокот Виндзор, во чест на посетата на францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит, пишува „Пипл“.
Ова беше и нејзино прво носење на кралски накит по повлекувањето од јавноста во текот на 2024 година, кога се бореше со канцер и се фокусираше на своето здравје. Иако учествуваше во некои активности, како пречекот на емирот на Катар, не присуствуваше на тогашниот државен банкет.
Кејт блесна со нејзината препознатлива тијара – „Јазол на љубовта“ на кралицата Мери, која своевремено ја носеше и принцезата Дијана. Принцезата од Велс оваа тијара за првпат ја носеше во 2015 година, а оттогаш редовно ја избира за државни приеми и свечени кралски настани.

На банкетот во Виндзор, таа се појави во елегантен црвен фустан, дело на дизајнерката Сара Бартон, која го креираше и нејзиниот венчален фустан. Својот изглед го надополни со обетки од колекцијата на покојната кралица Елизабета Втора.
На свечениот банкет присуствуваа и кралот Чарлс, кралицата Камила, принцот Вилијам, принцезата Ана, принцот Едвард и војвотката Софи од Единбург, како и други членови на кралското семејство. Гостите беа дочекани во свечена поворка со кочии, по што следуваше ручек и изложба на вредни предмети од кралската колекција.
Настанот беше внимателно организиран со симболика што ја одразуваше француската култура. По вечерата, гостите уживаа во ретки вина и конјаци од годините на раѓање на кралот Чарлс и претседателот Макрон, а беше послужен и специјално осмислен коктел наречен „Согласност“, со британски џин, лимонов крем и француски аперитив, украсен со француски и англиски цветови.

Цвеќето во салата беше рачно набрано од градините на Бакингемската палата и замокот Виндзор, а по настанот, сите композиции што не можат да се искористат повторно ќе бидат донирани во хосписи и старечки домови преку хуманитарната организација „Цвеќарски ангели“, под покровителство на кралицата Камила.
Да потсетиме, принцезата Кејт во јануари објави дека е во ремисија, но и понатаму внимателно го балансира враќањето во јавноста со своето закрепнување. Во својата последна посета на болницата во Колчестер, таа изјави дека фазата по завршување на лекувањето е „најтешката“ бидејќи се очекува човек веднаш да се врати во нормала, иако тоа ретко е така едноставно.