На дното на пристаништето во Александрија, на југоисточниот брег на Средоземното Море, откриени се нови масивни камени блокови кои припаѓале на легендарниот Александриски светилник. Блоковите се извлечени на површината и во моментов се анализираат и дигитално се скенираат. Резултатите ќе бидат додадени кон дигиталната архива што веќе содржи податоци за над 100 подводни камени структури откриени во последната деценија, соопшти Фондацијата „Dassault Systems“, еден од спонзорите на проектот, пишува „Лајв саенс“.
Истражувањето е под раководство на француската археолог и архитект Изабел Ери, во соработка со експерти од областа на историјата, археологијата, архитектурата и инженерството. Целта е да се создаде виртуелен 3D-модел на светилникот, кој бил тешко оштетен во неколку земјотреси и конечно се урнал во 14 век.

Меѓу најново откриените елементи се делови од огромни врати, кои според проценките тежеле меѓу 70 и 80 тони. Пронајдени се и делови од монументален „пилон“ во египетски стил – церемонијален премин кој можеби служел како споменик.
Александрискиот светилник – познат и како Фарос од Александрија, според малото островче каде бил изграден – бил подигнат околу 280 година п.н.е. по наредба на египетскиот крал Птоломеј II Филаделф (роден во Македонија), со цел да им обезбеди сигурна навигација на бродовите кои влегуваат во пристаништето.
Градот Александрија бил основан од македонскиот крал Александар Велики во 332 година п.н.е., кога Египет бил преземен од Персиската империја. Под династијата на Птоломеидите, Александрија станала главен град и едно од најбогатите културни и трговски средишта на античкиот свет.
Светилникот бил вистинско технолошко чудо. Според податоците, бил висок над 100 метри и се состоел од три дела: квадратна основа, осумаголна средишна конструкција и цилиндричен врв. Светлината ја создавал голем оган, најверојатно од дрва или масло, а зракот се рефлектирал со помош на полирани метални површини, можеби од бронза или бакар. Се верува дека зракот бил видлив и до 50 километри далеку.
Овој светилник заслужено го носи местото меѓу „Седумте чуда на античкиот свет“, како што го именувале старогрчките писатели.
Руините на светилникот биле откриени под вода во 1994 година, благодарение на францускиот археолог Жан-Ив Ампер. Најновите активности претставуваат трет значаен проект на оваа локација од страна на француски научници.
Наместо физичка реконструкција, тимот изработува виртуелна реплика, т.н. „дигитален близнак“, базирана на досегашните археолошки наоди и историски извори.
Виртуелната реконструкција ќе понуди не само увид во архитектонската структура и причините за колапсот на објектот, туку и ќе го прикаже светилникот во неговата полна слава – овозможувајќи им на посетителите интерактивно да го истражат, како да стојат пред него.




