Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави дека најавените царини за увоз од 50 проценти на бакар официјално ќе стапат на сила на 1 август, а цената на бакарот денес продолжи да расте на светските берзи, скокнувајќи за уште 2,62 проценти.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп изјави дека одлуката е донесена врз основа на проценка на националната безбедност, пренесува CNBC.
„Бакарот е неопходен за производство на полупроводници, авиони, бродови, муниција, центри за податоци, литиум-јонски батерии, радарски системи, системи за ракетна одбрана, па дури и хиперсонично оружје“, рече Трамп, додавајќи дека бакарот е втор најкористен материјал во Министерството за одбрана на САД.
Оваа изјава дополнително го поттикна порастот на цените на бакарот на светските берзи – цената денес скокна за уште 2,62 проценти, продолжувајќи го рекордниот раст од 13,12 проценти од претходниот ден.
Цената на бакарот на берзата во Њујорк Comex моментално се движи околу 5,62 долари за фунта (0,453592 килограми), што е блиску до рекордни нивоа.
Според трговските податоци, Чиле е главен снабдувач на бакар во Соединетите Американски Држави, покривајќи околу 70 проценти од вкупниот американски увоз, а значајни извозници на овој метал во САД се и Канада и Перу.
Tramp najavi carini od 50 procenti za uvoz na bakar od 1 avg