дома Магазин Креативно студио со „Плантси“: Интересот за природата и хемијата нѐ инспирираше да...

Креативно студио со „Плантси“: Интересот за природата и хемијата нѐ инспирираше да изработуваме природни сапуни

Состојките што ги користиме се целосно природни, не предизвикуваат алергени реакции, но сепак од претпазливост на пример во сериите што ги препорачуваме за деца, не користиме есенцијални масла поради високо чувствителна кожа кај деца што треба да е изложена само на најосновните состојки“, вели Гоце.

Придобивките од природната козметика сѐ повеќе ги забележуваме, па затоа голем број креативци во изминативе години одлучија да ги истражуваат можностите за создавање на најразлични природни балсами, кремови, сапуни…

Таква е приказната и на Гоце Гочевски, чиј интерес кон природата и хемијата го преточил во својот мал бизнис „Плантси“ и заедно со својот тим започнал да изработува различни природни сапуни со кои денес им помага на голем број клиенти да имаат чиста и блескава кожа.

Гоце, како дојдовте до идејата да почнете да изработувате природни сапуни?

– Отсекогаш природата ни била инспирација, и немаме никакво објаснување зошто не би сакале да преточиме сѐ што гледаме наоколу во уметност и креација. Хемијата ни била една од оние науки што најблиску ни објаснуваат што точно се случува, и кога ги споивме овие два интереси, решивме дека една од примените ќе биде во сапуни. Од неколку патувања бевме изненадени колку, всушност, е практично да се користи сапун поради мобилноста, во споредба со неколку пластични амбалажи на шампони и гелови за туширање, а со текот на времето откривме прекрасни брендови на природни сапуни што ги пробавме и видовме каква е разликата на кожата кога се користи природен сапун. Некој склоп на сето ова не донесе до идејата да произведуваме.

Во Вашиот асортиман има најразлични и уникатни природни сапуни за нега на кожата. Каде наоѓате инспирација за нивната изработка?

– Како што рековме, инспирацијата ја наоѓаме во природата. Околу нас има пчели што танцуваат, морски коњчиња што се гушкаат цело време, кенгури кои се боксираат и имаат дете во торба… нели е доволно? Да не ги спомнуваме шумите и океаните и небото…

Како изгледа процесот на изработка и колку време Ви е потребно да ги изработите Вашите природни производи за нега на кожата?

– Процесот на изработка на природни сапуни е релативно едноставен. Се работи за спојување растителни масла како маслиново, кокосово, бадемово, рицинусово од една страна, и камена сода (натриум хидроксид) од друга. На некој начин процесот е рандеву на овие два сватови, и се случува сапунификација при мешање. Потоа се додаваат есенцијалните масла и хербалните додатоци за терапевтско и ароматично дејство. Потребно време за изработка на, да речеме 300 парчиња сапун е еден работен ден. Потоа се оставаат сапуните на сушење, и овој процес трае од четири до шест недели. Потоа ги пакуваме, и му раскажуваме на светот за нив, за да може да ги пробаат.

Кажете ни од кои состојки ги изработувате Вашите производи? Дали содржат некои алергени и колку се безбедни за нежната кожа кај децата?

– Состојките што ги користиме се целосно природни, не предизвикуваат алергени реакции, но сепак од претпазливост на пример во сериите што ги препорачуваме за деца, не користиме есенцијални масла поради високо чувствителна кожа кај деца што треба да е изложена само на најосновните состојки.

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас и каков е интересот на луѓето токму за Вашите природни производи?

– Истражувајќи ја приемчивоста на нашата публика досега, можеме да потврдиме дека има доста работа до широка прифатеност на природните сапуни. Особено во споредба со други земји што сме имале можност да ги истражиме во ова поле, каде што употребата на вакви природни и рачно изработени производи е речиси нормална. Но има надеж, ова е сепак земја на сонцето и земја полна планини реки и езера, ќе се научиме.

Кој е Вашиот совет до младите креативци што имаат талент и идеја, но немаат доволно храброст да ги претстават своите рачни изработки?

– Најдобар совет до младите креативци што се двоумат дали и како да направат нешто нивно, е едноставно да пробаат. Нема притисок, нема гаранција, предизвици има нормално во сѐ, но е патување. Тука е и богатството на креативноста. На крај, она што е направено од вистинска инспирација, нема ни крајна цел. Едноставно постои, и нема потреба да се грижи човек дали некому му е убаво или не. Луѓето што треба да го видат или пробаат, ќе го уживаат во секој случај.

Гоце ќе им подари природни сапуни од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна неговата приказна и сакате да добиете уникатна природна козметика, пријавете се на имејл-адресата ks@pecat.mk, со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

ПредходнаОвој јули секој хороскопски знак добива кармичка лекција: Бикот чекори кој сопствена слобода, Лав се учи на спокој, Скорпијата ја признава ранливоста
СледнаЅвездата од „Модерно семејство“ откри дека била сексуално вознемирувана како дете: „Филмската индустрија е темно место“